Република Македонија веќе пет години доцни со спроведување на попис, а тој не е политичка, туку статистичка операција и треба да се спроведе единствено на лица кои при извршувањето на пописот ќе се најдат на територијата на Македонија и не се повеќе од една година отсутни од државата.
Ова е пораката од Европската канцеларија за статистика (Евростат), што за МИА ја пренесе Пјетер Евераерс, директор за меѓународна соработка на Евростат. Според овој експерт од највисокото тело за статистички операции во Европа, методологијата за спроведување на попис е определена од Обединетите нации и не смее да биде предмет на политичко пазарење и извртување на принципот и начинот на извршување, а со остварување на било-какви други цели што немаат врска со една класична статистичка операција, бидејќи таквиот попис во иднина нема да биде признат од страна на Евростат.