Членките на Партијата на европските социјалисти (ПЕС) кои имаат свои претставници во највисоките институции на ЕУ ќе му предложат на Европскиот совет на ЕУ во јуни да определи датум за старт на преговори со Македонија, соопшти СДСМ.
Според СДСМ, Македонија има силна поддршка од сите членки на ПЕС. Тие ветиле ангажман за да се унапредат перспективите на земјава. Ова било едногласно потврдено на денешниот состанок на лидери на партии и шефови на влади на ПЕС во Софија на кој учествувал и премиерот и претседател на СДСМ Зоран Заев.
Заев, истакнува СДСМ, бил поканет прв да зборува на Самитот на ПЕС.
На Самитот учествуваа и премиерот на Грција и претседател на Сириза Алексис Ципрас, премиерот на Португалија и претседател на Социјалистичката партија на оваа земја Антонио Коста, пратеникот во Европскиот парламент од Социјалдемократската партија на Германија Удо Булман, претседателот на Лабуристичката партија и премиер на Малта Џозеф Мускат и претседателката на Социјалистичката партија на Бугарија Корнелија Нинова.
Претседателот на ПЕС и поранешен премиер Сергеј Станишев посебно го поздравил присуството на премиерите на Македонија и на Грција Зоран Заев и Алексис Ципрас.