Европските лидери почнуваат да реагираат на жестоката караница меѓу Доналд Трамп, Џеј ди Венс и Володимир Зеленски.
Во објава на Икс, полскиот премиер и поранешен претседател на Европскиот совет Доналд Туск му се обрати на Зеленски и му рече „драги украински пријатели, вие не сте сами“.
Запрашан за караницата додека престојува во Португалија, францускиот претседател Емануел Макрон за француските медиуми изјави дека Русија е агресорот, а украинскиот народ е тој што е нападнат.
Тој додаде дека европските земји и другите сојузници биле во право што ѝ помогнале на Украина пред три години и ја санкционирале Русија и продолжиле да го прават тоа.
Макрон рече дека е важно да се почитуваат оние што од самиот почеток се борат за своето достоинство, права и безбедност на Европа.
„Трамп и Венс приредија срамно шоу. Се срамам од тоа однесување. САД заслужуваат нешто подобро“, напиша поранешниот висок претставник на ЕУ за надворешна политика, Жозеп Борел.
Шпанскиот премиер Педро Санчез, пак, напиша: „Слободниот свет мора да ја поддржи Украина. Бев и сѐ уште сум со Зеленски. Украино, Шпанија е со тебе“.
Адам Шиф, американски демократски сенатор од Калифорнија, напиша: „Во Овалната соба денеска се сретнаа херој и кукавица. А кога средбата заврши, херојот се врати дома во Украина.“
Канадската министерка за надворешни работи Мелани Џоли напиша: „Ние сме во безбедносна криза“.