Европските лидери го повикаа Израел да не оди во поголема ексалација на конфликтот со Иран

by Fokus

Францускиот претседател Емануел Макрон, германскиот канцелар Олаф Шолц и британскиот министер за надворешни работи Дејвид Камерон денеска го повикаа Израел да избегне понатамошна ескалација на конфликтот со Иран, јавуваат светските агенции.

Иран лансираше стотици беспилотни летала и проектили кон Израел во саботата вечерта, како одговор на нападот врз иранскиот конзулат во Дамаск, во кој загинаа седум офицери на Иранската револуционерна гарда, вклучително и двајца високи команданти, а за кој напад го обвини Израел. Техеран ја отфрли одговорноста за нападот, кој се случи на 1 април.

„Сите сме загрижени за можна ескалација“, изјави Макрон за ТВ BFM и радио RMC. „Ситуацијата денес е многу нестабилна“.

Макрон додаде дека ќе се обиде да преговара за прекин на огнот за време на Летните олимписки игри во Париз, во согласност со целта на Игрите за промовирање мир преку спортот.

„Начинот на кој Израел успеа со меѓународните партнери и оние на сцената да го одбие тој напад е навистина импресивен… Тоа е успех што не смее да се троши и затоа ги советуваме да придонесат за деескалација“, рече германскиот канцелар Олаф Шолц, за време на посетата на Кина.

За време на вчерашната видеоконференција на лидерите на земјите од Г7, „Можам да ви кажам дека нашата проценка за ситуацијата беше идентична“, рече тој.

„И нашиот апел е многу јасен: Иран мора да ја запре оваа агресија“, рече Шолц, кој во неделата ја започна тридневната посета на Кина.

Камерон пак го повика Израел да не одговара на иранскиот напад и го советуваше „да размислува со глава и со срце“, бидејќи иранскиот напад беше речиси целосен неуспех.

Тој нагласи дека го повикува Израел да не ги ескалира тензиите на Блискиот Исток.

„На многу начини тоа беше двоен пораз за Иран. Нападот беше речиси целосен неуспех и тие му покажаа на светот дека злобното влијание во регионот е подготвено да го стори тоа. Затоа се надеваме дека нема да има одмазднички одговор“, рече тој.

Поврзани новости