Во Годишниот извештај за Северна Македонија поднесен до Европскиот парламент (ЕП), којшто ќе се најде на дневен ред пред европратениците утре и задутре ќе се додадат и амандмани кои се однесуваат на непримереното однесување и провокации на претставници на бугарските власти. Со таков предлог вчера излегле европратеници од Зелените и од Социјалистите, кои ги поднеле амандманите, јави бугарската агенција БГНЕС.
Вчера, во последен момент, групите на Зелените и социјалистите во ЕП доставиле предлози за измени и дополнувања на извештајот. „Со предложените корекции се обвинуваат членови на бугарската влада за провокативни изјави во однос на историски прашања кои ја засегаат Северна Македонија и во таа насока се повикуваат бугарските власти да се воздржат од такво однесување за време на предизборната кампања во Бугарија“, пишува БГНЕС.