„Европскиот фронт“ со меморандум ќе ги известува странците за нарушениот легитимитет!

„Фокус“ открива дека еден од идните потези на ДУИ ќе биде да изготви меморандум, поддржан од функционери и интелектуалци, со кој ќе ја извести меѓународната заедница дека со влезот на ВЛЕН во Владата се нарушува легитимитетот на Албанците и „помалите“ етнички заедници.

by Фокус

Иако Христијан Мицкоски се уште не го добил мандатот за составување на нова влада од претседателката Гордана Силјановска-Давкова, сепак, веќе нема никакви дилеми дека ВМРО-ДПМНЕ ќе формира ново мнозинство и влада со ВЛЕН и ЗНАМ, имајќи во предвид дека преговорите за распределба на ресорите се завршени, па останува само да се дефинираат конечните кадровски решенија.

Тоа значи дека ДУИ после 16 години непрекинато учество во власта ќе замине во опозиција, без оглед што т.н. „Европски фронт“ предводен од „интегративците“, односно предизборната коалиција од 9 партии што претставува 4 етнички заедници освои околу 30.000 гласови и 4 пратеници повеќе од коалицијата ВЛЕН, составен од партиите на Арбен Таравари, Биљал Касами, Изет Меџити и Африм Гаши.

Незадоволни од ваквиот развој на настаните, пратениците на „Европскиот фронт“ ја напуштија конституитивната седница на новиот парламентарен состав и не учествуваа во гласањето на Гаши за нов собраниски спикер. Еден ден потоа, лидерот на ДУИ, Али Ахмети, придружуван од Зијадин Села, Мендух Тачи, Бејџан Иљаз и другите лидери на партии што се дел од фронтот, изјави дека почнуваат битка за спречување на мајоризација, бидејќи тие биле легитимниот претставник на Албанците во државата.

„Европскиот фронт“ како коалиција победи на претседателските избори со разлика од 40 илјади гласови, додека на парламентарните со над 30 илјади гласови и 6 пратеници повеќе (по прегласувањето разликата се стопи на 4). „Европскиот фронт“ победи во 20 општини во кои живеат и гласаат Албанците и другите заедници и излезе како втора сила во државата, што се случи за првпат во историјата на земјата.

Овие резултати беа прекршени и продолжуваат да се прекршуваат преку изборен инженеринг во очите на целата локална, регионална и меѓународнa јавност. Го започнуваме нашето патување за спречување на оваа мајоризација што ги оптоварува соживотот и демократијата и ги повикуваме граѓаните да ни се придружат во нашите напори за заштита на гласот, легитимитетот и духот на Охридскиот договор – рече Ахмети.

Притоа, одговорајќи на новинарско прашање какви мерки и активности ќе преземаат, Ахмети истакна дека во наредните денови целата јавност ќе бидe известенa по консултациите со сите претседатели на партиите од коалицијата. Потоа, и членот на партиското раководство и се уште актуелен министер за економија, Крешник Бектеши, во едно интервју најави дека до крајот на неделата ќе ги обелоденат чекорите за спречување на мајоризација.

Кај нас, како членови на Претседателството на ДУИ, доаѓаат идеи од страна на интелектуалци и луѓе кои придонеле многу за државата, не само Албанци, туку и од другите етнички заедници. Веќе имаме разговарано за одредени опции. До крајот на неделата ќе има конкретни чекори што ќе бидат преземени и ќе ги обелодени претседателот на партијата Ахмети – посочи Бектеши.

Досега, ниту Ахмети, ниту Бектеши, ниту друг функционер на ДУИ не соопштил кои се тие чекори кои се најавува дека ќе бидат презентирана неделава. Како што велат високи партиски извори, ДУИ не разгледува опции кои подразбираат деструктивно однесување, туку разгледува исклучиво демократски методи на идно делување. Во таа насока, се разработува стратегија и тактика како ќе делуваат пратениците во Собранието, но и градоначалниците, советниците и другите функционери на фронтот.

Исто така, се размислува како да се сензибилизира и меѓународната заедница за, според ДУИ, нарушениот легитумитет од страна на идните партнери во власта. Според информации на „Фокус“, еден од идните потези на ДУИ ќе биде да изготви меморандум, со кој ќе ја извести меѓународната заедница дека со влезот на ВЛЕН во Владата се нарушува легитимитетот на Албанците и „помалите“ етнички заедници. Овој меморандум треба да биде поддржан од функционери, но и од интелектуалци.

Влатко Стојановски

Поврзани новости