Од Европскиот сојуз за променa најавија дека ќе ја бојкотираат работата на Собранието додека на дневен ред не дојде поставувањето на нивниот кандидат за член во ДИК.
„ Апелираме до претседателот на Собранието, Талат Џафери, како што велат да не го узурпира правото на опозицијата да биде застапена во ДИК, но и покрај нашите напори да го почитуваме Изборниот законик, ДУИ по секоја цена измислува пречки како да создаде предуслови за манипулација на изборниот процес, со цел да се ублажи поразот што ќе ѝ се случи на 8-ми Мај. А пак, алатката со која ја извршува оваа задача е токму Талат Џафери.
Како да не се доволни партиските вработувања, наместените тендери, притисоците врз судиите, партиските портали, притисоците врз сите што не мислат како нив, a сега очите им се вперени и во ДИК.
Оттаму велат дека очекуваат македонската опозиција да остане лојална на изјавата дека ќе ја напуштат ДИК доколку албанската опозиција не постави свој член во ДИК.
Навистина, заштитата на нашето право за поставување на член во ДИК не е само наш политички интерес, туку со тоа се заштитени и темелите за слободни, фер и демократски избори. Затоа и техничката влада ќе ни биде бескорисна ако ДИК остане некомплетна или соодносот на нејзините членови остане 5:2 во корист на власта.
Ако и после ова, мнозинството и претседателот на Собранието продолжат да го саботираат нашето право за член во ДИК, ќе бидеме принудени да ги заостриме опозициските мерки. Дали ќе ги блокираме избирачките места во Чаир и Тетово или ќе има некоја порадикална мерка, тоа ќе го разгледаме како коалиција, но додека ова мнозинство се однесува арогантно кон едно законско право, додека институциите на правдата оглувуваат, ние веќе не чувствуваме обврска кон никого. Само една работа треба да знаат сите – нема да дозволиме полнење кутии по секоја цена. Нека размисли оваа власт кој губи од ова! Ако на некому му одговара политичка криза и тензии, нека се знае дека виновник за таа ситуација ќе биде владата на Република Северна Македонија“ порачаа од албанската опозициска партија.
Тие апелираат и до САД и земјите од ЕУ, да ја спречат узурпацијата на ДИК наметната од ДУИ, која, како што велат, сакајќи да избега од загубата, сака да предизвика тензии, а вината да ја препушти на некој друг.