Дигиталната трансформација на нашите општества веќе одамна не е само технолошка визија на поединци или предмет на академски и стручни дискусии за иднината, туку е наша реалност, истакна претседателот на државата, Стево Пендаровски, на денешното отворање на Европскиот самит за дигитализација на судството, што се одржува во Охрид во организација на Министерството за правда, под покровителство на претседателот на Северна Македонија, и со поддршка на мисијата на ОБСЕ во Скопје, на тема „Придобивките од 4-та индустриска револуција како механизам за враќање на довербата во правосудството“.
– Дигитализацијата не само што ја олесни, забрза и направи широко достапна комуникацијата, туку, многу позначајно, суштински го промени начинот на кој работиме, размислуваме и ги градиме нашите вредносни системи, истакна претседателот Стево Пендаровски на своето обраќање.
Посочи дека со години дигитализацијата беше третирана како технолошка играчка релевантна само за оние кои непосредно се занимаваа со информатичката технологија. Директен доказ за ова тврдење, како што рече, е игнорирањето на дигитализацијата од страна на повеќето правни системи, прво, преку непрепознавање на нејзините предности, и, второ, преку непрепознавање на предизвиците па и опасностите што ги носи брзата или неконтролирана дигитализација.
– Клучната промена ја донесе големата здравствена криза од 2020-та, низ која се’ уште поминуваме како последица на пандемијата на КОВИД-19. Сите релевантни податоци од последните две години потврдуваат дека пандемијата не беше голем предизвик само за нашите здравствени системи, туку и предизвик за државната управа и за правосудството во целина, објасни Пендаровски.
Затворањето на правосудните органи, тој го нагласи како многу поголем проблем, а особено моментот кога станало јасно дека истрагите и рочиштата не може да се одложуваат на долги периоди кога и не беше јасно колку ќе трае здравствената криза.
– Во таква ситуација се постави прашањето како може да се искористи дигиталната технологија за правосудните органи да продолжат да ја извршуваат својата функција во период на пролонгирана криза со неизвесен крај. Вие најдобро знаете пред каков сложен предизвик се најдовте кога дигиталната технологија требаше за краток временски период, да ги замени судските постапки во живо и да ја овозможи правдата за сите засегнати граѓани, во ситуација, да бидеме искрени, на нецелосно разработени прописи, истакна Пендаровски.
Овој самит тој го опиша како почеток на еден обемен и долг процес на дигитална трансформација на целиот правосуден систем на државата. Според него, Здравствената криза не’ принуди со поголемо внимание да се посветиме на оваа тема, но, иднината е во дигитализацијата и со и без здравствени или друг вид на кризи.
– Спроведувањето на овој сложен процес е, првенствено, наша задача и наша одговорност. Се надевам дека политичката волја за дигитализација на правосудството ќе резултира со реален и мерлив напредок во оваа област во која што со години, од различни причини, не бележиме позначителен прогрес. Во таа смисла, од мене може да очекувате безрезервна поддршка, подвлече претседателот на државата.
Министерот Тупанчески во своето обраќање порача дека во време во кое човекот со напредните технологии успеа да стигне до простори во вселената на светлосни години оддалеченост и за тоа добива информации скоро во реално време, не треба да имаме сомнеж дека државата треба да направи се овие технологии да ги стави во функција и на пристапот до правда на граѓаните.
– Задоцнетата правда граѓанинот често ја доживува како најголема неправда, а дигитализацијата во правосудството ќе ги забрза постапките на сите нивоа, ќе го олесни доставувањето на докази и документи, комуникацијата меѓу засегнатите страни и институции и ќе ја подигне правната сигурност и довербата на граѓаните во правосудството. Периодот во кој живееме, а особено изминатите две години на пандемија, изолација и редуцирани услуги за граѓаните во сите сфери, уште еднаш ни потврдија дека дигиталниот напредок треба максимално да се стави во функција на подобрување на животот на граѓаните, рече Тупанчески.
Тој се осврна и на активностите кои се преземаат а се во насока на реализација на Планот за дигитализација на правосудството.
– Инсталирана е ИКТ опрема во судниците во пет основни судови: Кавадарци, Струмица, Штип, Кривичниот и Граѓанскиот суд во Скопје. Обезбедени се дигитални услуги за граѓаните, брз, лесен и едноставен начин на барање и добивање на документи, информираше министерот.
Додаде дека со дигиталното судство ќе се овозможи побрза правда и ќе се намали корупцијата. Ќе се намалат трошоците во судските постапки, странките ќе заштедат на време, ќе има помал број на одложени судења.
– Целосната дигитализација очекуваме да се реализира во над 186 судници во 34 судови. Ова во голема мера ќе влијае на подобрување на судскиот интегритет, отчетноста, јакнење на довербата на јавноста, но и врз заштитата на системот. Судењата од далечина веќе стануваат реалност. Но тие се само еден аспект на дигитализацијата која опфаќа низа други електронски можности, како што се е-доставата, дигиталното регистрирање на рочиштето и креирање записници во електронска форма, размената на дигитални информации, докази и слично од кои што дел влегуваат во интероперабилноста, порача Тупанчески.
Информираше дека во 2022 година за дигитализација во судството се предвидени 130 милиони денари, од кои 90 милиони денари за набавка на нови сервери за 24 судови и за Судскиот совет, 20 милиони денари за опремување на судските сали за обезбедување функционалност на опремата за аудио и визуелно снимање на судски рочишта и 20 милиони денари за набавка на компјутери, принтери и скенери.
На денешното отворање на самитот се обратија и шефот на мисијата на ОБСЕ во Скопје, Клеменс Која, како и федералниот министер за правда на Австрија, Георг Става.
На тридневниот Европски самит за дигитализација на судството што ќе трае до вторник ќе се реализираат вкупно 13 панели каде што ќе дискутираат бројни претставници на институциите и министерствата од државава и од странство.