Европскиот фронт предводен од ДУИ вечерва одржи собир на плоштадот Македонија во Скопје.
Во текот на денот, кандидатите за пратеници и носителите на листи продолжија со средбите со граѓаните во избирачките единици во рамки на кампањата за парламентарните избори.
Кандидатот за претседател Бујар Османи на скопскиот плоштад изјави дека се уште се свежи настаните од 27 април, кои ги нарече најстрашни во историјата на Македонија.
Османи вели дека тие настани се случиле само затоа што Талат Џафери бил избран за претседател на Собранието и само затоа што бил Албанец, а го спомена и претседателот на Алијанса за Албанците, Зиадин Села, за кој рече дека за малку ќе го загубил животот.
„Пред седум години, речиси точно на денешен ден, некаде на стотици метри од ова место, таму во Собранието на Северна Македонија се случија најстрашните настани од поновата историја на нашата држава. Се сеќавате на настаните од 27 април, пред нас се уште се крвавите слики на нашите пратеници. Која беше причината? Дека Талат Џафери стана претседател на Собранието. Што беше проблемот? Само тоа што бил Албанец и ништо друго. Се уште се сеќавам на сликите на Зиадин Села кој тој ден за малку ќе го загуби животот“, рече Османи.