Европската комисија најави нова хуманитарна помош за Украина и Молдавија

by Fokus

Европската комисија денеска објави нова хуманитарна помош, вредна 83 милиони евра, за Украина и Молдавија, како поддршка на луѓето погодени од агресијата на Москва врз Киев, објавено е денеска на веб-страницата на Службата за надворешни работи на Европската унија (ЕЕАС).

Целните напади на Русија врз клучната енергетска и цивилна инфраструктура на Украина, како што се болниците, училиштата и електричните мрежи, сериозно го нарушуваат пристапот на луѓето до основните услуги.

Со секое ново гранатирање, се повеќе Украинци остануваат без покрив над главата и им треба помош и засолниште во услови на замрзнување. Со оглед на тоа што околу 14,6 милиони луѓе имаат потреба од хуманитарна помош во Украина, новото финансирање доаѓа во клучен момент, соопшти Комисијата.

Од 83 милиони евра хуманитарни средства, 75 милиони евра се доделени на хуманитарни проекти во Украина за да се обезбеди итна помош, вклучително и пристап до основните потреби како засолниште, услуги за заштита, чиста вода, образование и здравствена заштита.

Осум милиони евра се наменети за хуманитарни проекти во Молдавија кои обезбедуваат помош за најзагрозените, вклучувајќи финансиска помош за основни потреби, заштита и здравје.

Вклучувајќи ги и новите средства објавени денеска, Европската комисија одвоила вкупно 926 милиони евра за програми за хуманитарна помош на цивилите погодени од војната во Украина од почетокот на руската инвазија во февруари 2022 година.

Од тие пари, 860 милиони евра се наменети за хуманитарни програми во Украина и 66 милиони евра за поддршка на бегалците кои побегнале во соседна Молдавија.

Поврзани новости