Европската комисија ќе препорача отворање на поглавјата 3 (Конкурентност и раст) и 4 (Зелена агенда и одржлива поврзаност) во рамките на Годишниот извештај за Србија, кој се очекува да биде претставен во Стразбур во рамките на Пакетот за проширување за 2021 година, кој вклучува извештаи од Европската комисија за земјите кандидати и потенцијалните кандидати за членство во Европската унија, јави дописникот на МИА.
Во извештајот на Европската комисијата за периодот од јуни 2020 година до јуни 2021 година, до кој дојде МИА, се наведува напредокот на Србија во усогласување со критериумите на ЕУ, особено во областа на претпазливост и енергетска политика.
-Европската комисија препорача дека се исполнети преодните критериуми за овие поглавја и тие треба да бидат отворени, стои во текстот на Извештајот за Србија.
Европската комисија меѓу другото во извештајот наведува дека таа постигнала „ограничен напредок“ во областите на реформите во јавната администрација, судството, борбата против корупцијата и организираниот криминал и медиумите.
Притоа се повикува Србија да обезбеди соодветна правна заштита од потенцијално политичко влијание врз судството, да работи на нова Антикорупциска стратегија и да обезбеди „убедливи резултати“ во областа на ефективна истрага, гонење и казнување сериозни случаи на организиран криминал.
Според проценката на Европската комисија Србија постигнала „ограничен напредок“ во областа на слободата на изразување и медиумите и дека средината што придонесува за непречена слобода на говорот мора дополнително да се зајакне.
-Вербалните напади врз новинари од високи функционери продолжија, додека случаите на закани и насилство остануваат загрижувачки, стои во текстот.
Извештајот на ЕК и оваа година дава позитивни оценки кога станува збор за економските показатели во Србија, во кои се наведува дека српската економија за време на кризата предизвикана од пандемијата доживеа само „благ пад“ од 1 отсто во 2020 година, и дека негативното влијание на кризата беше ублажена со „силен економски раст во пресрет на пандемијата, како и соодветни мерки за фискална и монетарна поддршка, како и релативно краток рок за затворање на земјата“.
ЕК повторува дека внимателните преговори на Србија за членство во ЕУ ќе продолжат да зависат пред се од брзината на реформите во областа на владеењето на правото и нормализирање на односите со Приштина.
Во овој контекст, Србија се повикува да направи понатамошен напредок во спроведувањето на сите договори постигнати досега со Приштина и да придонесе за постигнување сеопфатен, обврзувачки договор за нормализација на односите со Косово.
-Овој договор е итен и клучен за Србија и Косово да постигнат напредок на нивниот пат кон ЕУ, се вели во извештајот на Комисијата.
Според Комисијата од Брисел, Србија останала посветена на билатералните односи со другите земји во регионот, но и дека „односите со Црна Гора беа обележани со тензии“.
Во извештајот на Комисијата се наведува дека усогласеноста на Србија со одлуките на ЕУ се зголемила од 56 на 61 процент, но исто така се проценува дека во многу потези Србија „тргнала против“ одлуките на ЕУ.
Србија уште еднаш е пофалена за учеството во безбедносните мисии и операции на ЕУ, а особено за „значајниот придонес“ во управувањето со миграциските текови и ефективната имплементација на заедничките стратегии за управување со границите.
Извештајот го повторува својот повик до српските власти да бидат „попроактивни и објективни“ кога станува збор за наративот за ЕУ, која е „најголемиот политички и економски партнер на Србија“.
Извештајот на Европската комисија за Србија треба официјално да биде претставен попладнево во Стразбур, најпрво пред Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент, а потоа и пред новинарите. Потоа известувачите од ЕП ќе изготват нацрт-резолуции за тие земји со заклучоци и препораки од Европскиот парламент.