Претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола, во денешното обраќање пред пратениците во Стразбур ги осуди наведените сомневања за случаи на корумпираност во европскиот законодавен дом.
„Европскиот парламент, драги колеги, е нападнат. Европската демократија е нападната. Непријателите на демократијата, за кои самото постоење на овој Парламент е закана, нема да запрат пред ништо”, истакна таа.
„Тие злонамерни актери, поврзани со автократски трети земји, наводно вооружувале невладини организации, синдикати, поединци, асистенти и членови на Европскиот парламент во обид да ги покорат нашите процеси”, рече таа притоа нагласувајќи дека таквите злонамерни планови не биле успешни.
Таа изрази задоволство од работата на собраниските служби, за нивната соработка со белгиските власти во истрагата.
„Секогаш ќе има некои, кои сметаат дека за вреќа пари вреди да се ризикува”, рече Мецола, но нагласи дека „она што е суштинско е тие луѓе да разберат дека ќе бидат фатени, дека нашите служби работат и оти во целост ќе се соочат законот, како што се случи и овојпат”.
Белгиското државно обвинителство минатата седмица покрена опсежна истрага за „корупција и перење пари”, против наводна криминална организација, како и обиди на држава од Заливот преку подароци и подмитување да влијае врз економските и врз политичките одлуки на Европскиот парламент.
Во рамки на истрагата, уапсени се неколку лица. Меѓу нив се и потпретседателката на Европскиот парламент, Ева Каили од Грција и поранешниот европратеник, Италијанецот Пјер-Антонио Панцери.