Европската банка за обнова и развој (ЕБРД) соопшти дека планира, со цел надминување на проблемите поради пандемијата на корона вирусот, да издвои помош за компаниите кои работат во оперативните региони на ЕБРД.
„Пакетот солидарност“ е прва таква мерка на ЕБРД и банката најавува дека е подготвена да направи повеќе доколку е потребно.
Предлогот е одобрен од акционерите на банката, која примарно инвестира во развој на приватниот сектор во 38 економски послабо развиени земји.
Од овој фонд ќе се финансираат клиенти на ЕБРД со добра деловна основа, кои моментно имаат проблем со кредитна ликвидност.
Претседателот на ЕБРД, Сума Чакрабарти предупреди дека пандемијата на Ковид-19 претставува „предизвик без преседан за ЕБРД и регионалните оперативни центри“.
– За да покажеме солидарност со акционерите, земјите во кои спроведуваме свои операции, нашите партнери и клиенти, создадовме фонд на ЕБРД од една милијарда евра за нашите клиенти кои имаат проблеми со ликвидноста, докапитализација или доспеани обврски. Банката е подготвена да одговори и на нови предизвици и активно го прилагодува својот финансиски инструментариум согласно потребите на земјите членки и меѓународната заедница, истакна претседателот на Европската банка за обнова и развој.