Европската банка го прекинала финансирањето на проектот за штипската болница, соопшти лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски покажувајќи документ за кој рече дека е допис што го испратила Европската банка.
Според Мицкоски, обезбедените 13,43 милиони евра се прекинати поради слабиот прогрес кој што е направен во првите 18 месеци од почнување на проектот, поради, како што рече, неспособноста на власта, односно на премиерот Зоран Заев и министерот за здравство, Венко Филипче.
-За жал од есента 2017 година, период кога практично новата влада на СДСМ и Зоран Заев е избрана, имаме драматично намалување на активностите коишто се еднакви на нула. Поради тоа Европската банка сега одлучува да преостанатиот дел од средствата коишто ги има обезбедено за финансирање на овој проект, а тоа е клиничката болница во Штип, а коишто се во висина од повеќе од 13 милиони евра да ги стопира, изјави Мицкоски.
Мицкоски уште еднаш побара одговорност за состојбата со РЕК Битола, а го коментираше и вчерашниот краткотраен прекин во работата на ХЕЦ Вруток.
– РЕК Битола е во катастрофална ситуација работи еден блок, вториот блок со третина од својот капацитет бидејќи нема доволно количество јаглен, нема услови за да работи со 100 проценти. Тоа што вчера се случи во ХЕЦ Вруток, ЕЛЕМ го правдаат дека откажал практично осигурачот од мрежата поради претпоставувам зголемен напон, или пак зголемена потрошувачка, но и тоа е ненормална појава и тоа е нестационарна појава. Штом тоа се случува треба да видиме што е причината, рече Мицкоски.