Европратеничката Јовева: Можеби целта на опозицијата не е ЕУ, туку само да дојдат на власт

by fokus

Според словенечката европратеничка со македонско потекло Ирена Јовева уставните измени и сите досегашни барања наметнати на Северна Македонија не биле секогаш праведни.

Таа во разговор за „Локално“ порачува дека договорите на ЕУ јасно кажуваат дека билатералните спорови не треба да се користат за да се запре процесот на интеграција на една земја во ЕУ.

-Со Северна Македонија ова трае веќе подолго време и сметам дека е исто така нерамноправна битка: од една страна имате земја-членка на ЕУ која ја користи моќта што ја има за да наметне услови за земја-членка да влезе во ЕУ, а од друга страна имате земја која го смени името, потпиша договори и со Грција и со Бугарија и е во многу послаба позиција. Повторно: билатералните прашања треба да се решаваат билатерално и ако секогаш зборуваме за земјите од Западен Балкан кои треба да се подобрат и да ги следат правилата, би можеле да бидеме построги во нашиот дом и да бараме од земјите-членки да ги следат правилата исто толку внимателно како што и ние очекуваме нашите партнери од Западен Балкан да го сторат тоа, оценува Јовева.

На прашањето дали ги има видено аргументите на опозицијата зошто се противат на уставните измени, европратеничката ни рече дека е свесна. Според неа, сегашната македонска влада досега се покажала многу како про-реформска и про-ЕУ. Вели дека имала многу шанси да се сретнe со водечки политички фигури кои навистина се грижат за европската иднина на земјата и народот.

-Тие се личности кои имаат јасна цел на ум: членството на земјата во ЕУ, и покрај сите неуспеси и неисполнети ветувања од страна на ЕУ – тие опстојуваат, и тоа го сметам за извонредно. Вистинските мотиви на опозицијата се исто така под знак прашалник бидејќи можеби нивната заедничка цел не е ЕУ, туку желбата да бидат во влада, па со тоа, не сум сигурна дали интересите што тие ги бранат се навистина најдобри интереси на народот или себе и нивната политичка моќ. Уставните измени никому нема да му одземат никакво право и мислам дека ова треба да го знае народот и како треба да зборуваме за ова, заклучува Јовева.

Поврзани новости