Старо-новата влада е на прагот, составот, но, пред сè, политиките што ја доведоа Македонија во ќор-сокак се исти. Сапуницата од ноември 2013 година за лажни разлики меѓу ВМРО и ДУИ стигна до очекуваниот расплет. Наводно, лутите ривали, поради неконсензуалната поддршка за Хорхе, завршија прегрнати во овациите при изборот на Трајко. Избор со кој лидерите Ахмети и Груевски нѐ потсетија што мислат за настаните од 24.12.2012, онака баш проевропски.
И да немаме дилеми, сапуницата ќе има свое продолжение, септември со НАТО самитот, октомври со извештајот, декември со советот на министри.
Среќа нема толку настани за кои ДУИ ќе излегува од владата, па можеби ќе поработат нешто за граѓаните на Македонија. Секако, за да не се зборува за суштината и за приоритетите во програмата на владата за периодот 2014-2018, владината пропагандна машинерија пушти две димни бомби: потрагата по нов директор на Центарот за комуникации и немањето предлог-жена за министер од страна на ДУИ.
Демек, медиумите на Керим се европеизираа и јавно прашаа: „Али, каде ти се жените?“ За жал, никој не го постави вистинското прашање: Али, каде ти се интегративците?
Како и кои ќе го остваруваат наводниот приоритет на Владата, интеграција во ЕУ и во НАТО. Тој наводен приоритет е само трик за домашна употреба и секој од коалициските партнери си го користи на свој начин за своите поддржувачи. ДУИ за одбрана од нападите зошто, пак, со ДПМНЕ, кој бараше 62 пратеника да се спаси од нив, а ДПМНЕ за сликање по медиуми. Инаку, ако навистина ЕУ и НАТО се приоритети на оваа влада, тогаш логично би било Миленко Неделковски и дружината на Русјаков (македонски манифест) јавно да ја нападнат владата за погрешниот, според нив, приоритет. Логично и консеквентно би било да напишат една колумна или да постават прашање на пример: Зошто кон ЕУ и НАТО, Грујо и Али? Секако тоа нема да го направат од едноставна причина, што тие се против ЕУ и НАТО заради домашна употреба и во функција на рејтингот на премиерот Груевски.
Секако владиниот приоритет за ЕУ и НАТО интеграција во себе вклучува, цитирам: „Надминување на наметнатиот спор кој Грција го има со уставното име на Република Македонија“. Коалициските партнери постигнаа огромен напредок во однос на минатото, имено оваа активност од 136-та, се најде на 54-та страна од програмата.
И Ахмети доколку имаше интегративен ЕУ пристап немаше да се одлучи за истата, досегашна личност. Притоа, да бидам јасен, министерот Бесими е еден од ретките, можеби единствениот министер кој доблесно и баш европски заедно со нас пратениците работеше на Законот за енергетика. Но, на оваа позиција како да се зарази од дпмневскиот синдром Европа да, ама само за домашна употреба. Имено, вицепремиерот за ЕУ, за 3 години требаше да одговори на 2 прашања: колку администрација има во Македонија и колку чинат владините реклами? Одговорот залудно го чекавме и ние и еврокомесарите. Одговорна влада со европски стандарди до двата одговора стигнува со притискање на еден ентер тастер. Но, зошто одговорите се тајна? Па, тоа се двата столба на кои се темелат изборните манипулации, перење мозок со наши пари и делење плата, исто од наши пари, за луѓе што не знаат каде им е работното место, и единствено во кампања излегуваат од дома или се враќаат во земјава.
Во тој контекст е и неверојатната бројка на 26 (25+1) министри, рекорд во Европа. Европските великани Германија и Франција имаат кабинети со 19 члена, односно министерски позиции, помалите Словенија и Австрија имаат 13, односно 14 владини места. Словачка и Чешка својот европски сон го живеат со 14, односно со 16 позиции во владиниот кабинет. Естонија своето лидерство во информатичкото општество го постигна со 11 министри, а Грција со економскиот банкрот се справува со 16 министри. Сличен феномен во рамки на оваа огромна бројка се и позициите министер без ресор, и тука сме без конкуренција. Притоа, не станува збор само за едно министерско место, туку врв на една пирамида без дно од вработени административци со или без опис на работните задачи и места.
Во неколкуте издвоени приоритети од програмата на Груевски и Ахмети се и: борба против корупцијата, образование и заштита на животната средина. Европски по дефиниција, но повторно само за домашна употреба. Зошто? Затоа што Европа не познава екстерно оценување кое влегува во просекот на учениците од една страна и ја намалува платата на наставниците од друга страна. Во Европа денес не се користат заштитените филтри во оџаците на компаниите од тешката индустрија за политичко уценување, туку за заштита на здравјето на граѓаните.
Борбата против корупцијата пополнува место во програмата на владата. Без премногу примери, каков е односот на коалициските партнери кон оваа тема зборува фактот дека сите луѓе што се поврзуваа со крупни финансиски афери се заштитени и наградени, и тоа не само досегашните министри и пратеници, туку и некои директори, како што е примерот со директорот на Агенцијата за странски инвестиции, кој по скандалозниот ревизорски извештај се спротистави на државната ревизија на констатираните наоди.
Наградата од Груевски и Ахмети е бетонирање на претходните активности со позицијата министер. За жал, и оваа владина програма дефинира приоритети само за на хартија. Нема решение за проблемите на граѓаните, нема желба за да се реши најтешкиот проблем. Се сеќавам на инаугурацијата на Груевски како премиер во 2006 година. Тој и другите се колнеа во Германија и во нејзиното претседателствување со ЕУ кое почнуваше во јануари 2007 година. Почетокот на преговорите под покровителство на Германија извираше од секој дискутант. Се ветуваа чуда. Сепак, чудо не се случи, европските политики не признаваат чуда, тие бараат решавање на проблемите.
Затоа деновиве премиерот на Србија, Вучиќ е на историска средба со канцеларката Меркел, а Груевски на тоа чека цели 8 години. Но, додека Груевски чека покана, билетот без покана, во еден правец, е во мода. Со оваа политика за Европа, ама само за дневни поени, Македонија останува без својата иднина, и тоа онаа: младата, едуцираната, креативната, иновативната.