Од денеска голем број европски земји почнуваат да укинуваат некои од рестриктивните мерки воведени поради пандемијата со ковид-19.
Италија која најтешко е погодена европска земја од пандемијата, од денеска има дозволува на своите граѓани да можат да ги посетуваат своите роднини, да се собираат во ограничени групи. Од денеска се отвораат парковите, но со држење физичко растојание. Работата во градежништвото и трговијата на големо е целосно обновена.
Кафулињата, рестораните и баровите ги отвораат своите кујни, но ќе продаваат храна само за дома. Училиштата според новите правила ќе останат затворени до септември. Остануваат ограничувањата за движење од една до друга област. Маските важат за аеродромите и станиците и за јавниот превоз. Од денеска се обновени патничките летови од аеродромите во Cампино во Рим и Перетола во Фиренца, кои беа привремено затворени поради епидемијата.
И Шпанија, која исто така е на врвот по бројот на заболени од ковид-19 во светот, почнувајќи од денеска, дозволи отворање на мали трговски објекти како фризерски салони што можат да примат клиенти по претходно закажан термин. Баровите, кафулињата и рестораните како и во Италија ќе продаваат храна и пијалоци само за дома. Маските се задолжителни во јавниот превоз. На помалите острови Канарскиот и Балеарскиот архипелаг ќе им биде дозволено да отворат повеќето продавници, музеи и тераси на барови и ресторани, но со ограничен капацитет. Училиштата остануваат затворени до септември.
Во Португалија се отвораат малите продавници во населби, фризерски салони, салоните за продажба на автомобили, книжарниците. Даночните служби исто така отвораат врати по претходно договорен состанок, при што задолжително е носење заштитна маска. Заштитните маски стануваат задолжителни во јавниот превоз. Дозволени се и индивидуални спортови на отворено.
Во Германија, во некои провинции почнува постепено отворање на училиштата, а ќе може да отворат и фризерските салони. Постепено се нормализира и работата на верските храмови, музеите и зоолошките градини, додека баровите и рестораните само ќе вршат испораки за дома. Заштитните маски стануваат задолжителни во транспортот и продавниците.
И во Австрија се отвораат дел од училиштата, а заштитните маски се задолжителни во јавниот превоз и продавниците.
Во Белгија ќе бидат отворени оние бизниси кои не примаат посетители, а маските стануваат задолжителни за јавниот превоз.
Во Унгарија, освен во Будимпешта, се отвораат терасите на кафулињата и рестораните, салите за професионален спортски тренинг, а маските се задолжителни во продавниците и јавниот превоз.
Полска го отвора вратите на хотелите, трговските центри, дел од културните институции како библиотеките и некои музеи.
Хрватска одлучи од денеска да продолжат со работа услужните дејности каде има близок контакт со клиенти, како што се фризерски салони.
Во Словенија од денеска се отвораат терасите на кафулиња и ресторани, како и музеите, фризерските салони и книжарниците, а професионалните спортисти се враќаат на тренинзи. Маски се потребни во затворени простории на јавни места, во јавен превоз и во продавници.
И во Србија се отвораат кафулињата и рестораните, додека се бара физичка оддалеченост, а маските стануваат задолжителни во јавниот превоз, возовите на големи растојанија и автобусите.
Исланд ја обновува работата на универзитетите, музеите и фризерските салони.
Според податоците на Ворлдметерс, бројот за заболени со ковид-19 во светот е 3 568 143 лица, од кои 248 246 досега починаа, а како оздравени се водат 1 157 278 луѓе.
Европа од континентите е најпогодена од пандемијата со 1 447 998 заболени и 140 645 смртни случаи. Во изминатите 24 часа регистрирани се нови 495 заразени и 42 починати лица.