Европа не може да престане да користи нафта и гас преку ноќ, изјави британскиот премиер Борис Џонсон на денешната заедничка прес-конференција со канадскиот премиер Џастин Трудо и холандскиот премиер Марк Руте во Лондон.
– Постојат различни зависности во различни земји и тоа мора да го имаме на ум. Не можете само да престанете да користите нафта и гас преку ноќ, дури ни од Русија, рече тој.
– Во Обединетото Кралство, можеме да го направиме тоа брзо, додаде тој, истакнувајќи дека сите треба да се погрижат да одат во иста насока.
– Ќе го направиме тоа заедно – така што сите ги имаме потребните замени и резерви, додаде британскиот премиер.
Руте се согласи дека многу делови од Европа сè уште зависат од руски енергенси и повика секоја забрана да се воведува „внимателно“.
И германскиот канцелар Олаф Шолц денеска изјави дека увозот на енергенси од Русија е клучен за секојдневниот живот на европските граѓани и оти во моментот континентот не може да ги обезбеди на друг начин.
-Додека во САД и во ЕУ се разговара за санкции против руските енергетски извори како одговор на инвазијата врз Украина, снабдувањето на енергија на Европа за греење, мобилност, електрична енергија и индустрија во моментов не може да се гарантира на кој било друг начин, рече Шолц.
Поранешниот претседател на Русија, а сега заменик-претседател на Советот за безбедност на Русија, Дмитриј Медведев, во саркастичен тон им го честиташе на , како што ги нарече , свите европски колеги за цената на гасот, која достигна рекордно ниво.
Можам само да им честитам на моите далекувидни европски колеги кои сигурно се бранеа од подмолните Руси и од проектот Северен тек 2, рече тој.