Словенија и Хрватска се членки на ЕУ. Србија ги почна преговорите, отвори поглавја и се „отвори“ Косово. Црна Гора ги продолжува преговорите, Босна е поблиску до нов Дејтон отколку до ЕУ. Ние?
Пишува: Сања ЛУКАРЕВСКА
Поранешната државна секретарка на САД, Медлин Олбрајт, во една пригода ќе изјави: „За да ја разберете Европа, треба да сте генијалец. Или Французин“.
Обидувајќи се да ја разбереме и да ѝ се доближиме на Европа, ние добивме т.н. француски предлог. Та, нели „мерси“ е исто и таму и до нас. Ама има и рок на траење. Наше е дали ќе го „фатиме“ рокот или не.
И бидејќи не станува збор за испитна сесија, а не знаеме кога и под кои услови и дали воопшто ќе има поправен, верувам дека нема наивни, ама нема да има ниту невини. Прашањата нема да се променат.
ИНТЕРЕСЕН ПРЕДЛОГ
И бидејќи во светот, а и кај нас, како да исчезнува смислата за хумор, старите вицови се вратија во мода. Па, се сетив на една добра стара шега.
„Во рајот: готвачите се Французи, полицајците се Англичани, механичарите се Германци, љубовџиите се Италијанци, а банкарите се Швајцарци. Во пеколот, пак,: готвачите се Англичани, полицајците се Германци, механичари се Французите, љубовџиите се Швајцарци, а банкари се Италијанците“.
Во овоземниот живот, во старите добри вицови на брдовитиот Балкан, додека „бурето“ мируваше, сите имаа точни „професии“ и свои јунаци.
Во Србија, мали Ѓокица; во Хрватска, мали Перица; во Босна, Мујо и Хасо; во Црна Гора, џетиќи; во Словенија, Јанез и во Македонија, Трпе.
И во тие вицови, Србите беа мераклии за храна и за шљивовка, а неретко и за мајтап со Хрватите. Хрватите им враќаа, но го имаа наше море.
Босанците важеа за мераклии на добро кафе со 6 коцки шеќер и мајтап на сопствена сметка. Црногорците правеа само ако мора и ако не ги мрзи.
А нас, Македонците нѐ сметаа најдобри за играње, пеење и за правење парастоси. Што се промени?
Словенија и Хрватска се членки на ЕУ. Србија ги почна преговорите, отвори поглавја и се „отвори“ Косово. Црна Гора ги продолжува преговорите, Босна е поблиску до нов Дејтон отколку до ЕУ. Ние?
Пред неколку дена, претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, меѓу другите мерки како да ѝ се помогне на домашната економија, предложи и „посебни таблички за службените возила“.
Овој предлог го врати споменот кај повозрасните на црвените регистарски таблички на службените возила во поранешната заедничка СФРЈ, кои биле укинати пред 50 години зашто се сметало дека свеста кај функционерите и кај директорите е на високо ниво. Би рекла, интересен предлог во интересно време.
Но, многу поважен е моментот за помагање на растот на извозот на домашната економија.
Верувам дека никој, па ниту нашите стопанственици не ја пропуштија веста за новиот план за Западен Балкан (Европа сега) што ја соопшти претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен: приближување до единствениот пазар на ЕУ, регионална економска интеграција, забрзување на фундаменталните реформи и стимулирање на економиите на ЗБ преку зголемување на пристапните фондови на Европската Унија.
ДОСТОЈНА ЦЕЛ
Во превод, преку економијата, многу побргу граѓаните да го почувствуваат бенефитот од големиот заеднички пазар. Европа сега е всушност Европа дома. Или, да тргнеме едни кон други со забрзани чекори.
И конкретно, отворањето на овој огромен европски пазар не е за да ги „распродаваме“ националните интереси, туку за да не ги продаваме сопствените имоти заради преселба во некоја од земјите на ЕУ.
Зар имавме поголем „Garage sale“ на македонските национални интереси од периодот од кој едвај се извлековме?! Нема да речам, се спасивме.
И во деновите кога повторно на најсилно проработеа националистичките „берзи“ и повторно се разгори пестицидната љубов кон татковината за уништување на „штетниците“, во себе ја повторувам мислата на 26-от американски претседател Теодор Рузвелт:
„Не е важен тој што критикува, ниту тој што вперува прст во силниот човек кога тој се спрепнува, или оној што вели дека тој што создава можел и подобро да создаде. Заслугата му припаѓа на човекот што е во арената, …кој се залага за достојна цел, кој во најдобар случај го знае триумфот на високото достигнување и кој, во најлош случај, ако потфрли, барем ќе потфрли додека дава сè од себе, за неговото место никогаш да не биде со тие ладни и плашливи души што не познаваат ниту победа, ниту пораз“.
На 4 јули, САД го одбележуваат Денот на независноста од Англичаните. Минатата недела, британскиот премиер насред Вашингтон ја повика Америка да ги зголеми своите инвестиции во империјата. Да, зашто светските економисти предупредуваат дека нѐ чекаат тешки времиња, дека ни доаѓа „Мајката на сите кризи“.
Човекот за кој велат дека ја предвидел светската економска криза во 2008 година, Нуриел Рубини, сега вели дека комбинацијата од инфлација, вештачка интелигенција, климатски промени и реален ризик од трета светска војна има глобално влијание.
Затоа, смета тој, мора да научиме да живееме во состојба на подготвеност, а за позитивен исход, потребна е глобална соработка и многу среќа. Нема шанса за уште една шанса.
Почнав и да завршам со Французите. Луј Четиринаесетти од лично искуство рекол: „Побргу би можел да ја помирам цела Европа отколку две жени“. Штета што едната не му била од наш крај. Ќе имаше Луј достоен парастос.
(Авторката е заменик-претседателка на СДСМ)