Дури и најигнорантниот набљудувач на политичките настани ќе забележи дека високо на агендата на новата влада се евроатлантските интеграции. Речиси секојдневно слушаме како премиерот, вицепремиерите и министрите се гости или домаќини на високи претставници на Европската Унија или на земјите-членки. Планот 3-6-9, фокусот на реформите и соработката со европските експерти под палката на Прибе сведочат за посветеноста на новата влада за европските и евроатлантските интеграции на земјата. Сепак, ќе успее ли оваа влада да ја приближи Република Македонија кон Унијата? Има ли Унијата доволно капацитет за проширување?
Сигналите од Самитот во Трст кој се одржа минатата недела посочуваат кон обновувањето на интересот за проширување на страната на Унијата и земјите-членки. Силна и недвосмислена порака за повторно отварање на европската перспектива на регионот упатија и Могерини и Хан и претставниците на земјите-членки, а само неколку недели претходно германскиот министер за надворешни работи Сигмар Габриел изјави дека регионот на Западниот Балкан заслужува специјален интерес. Дека ова не се само празни зборови туку конкретни и кредибилни ветувања сведочат и договорите за големи европски инвестиции во инфраструктурни проекти за поврзување на балканските земји.
Се чини дека 2017 ќе биде година на Европа или барем година кога европската интеграција добива нов стимул. Исходот од изборите во Холандија и Франција, како и опаѓањето на поддршката на десничарските популистички и евроскептични движења ширум континентот ја обновија вербата во обединета, слободна и стабилна Европа. Од друга страна- спротивно на очекувањата- Брегзит се’ повеќе упатува на заклучокот дека Островот ќе биде губитникот од сопствената одлука за дезинтеграција, додека обединетиот континент ќе добие шанса за дополнително продлабочување на интеграцијата. Ова, пак, ги вразумува и непослушните земји од централна и источна Европа. Дополнително, неизвесноста на новата америчка администрација ја прават Европа да биде понезависна и да мора самостојно да размислува за изградба на сопствен систем на одбрана, безбедност и надворешна политика. Сево ова го гради моментумот на Европа кој сега треба да се канализира во реални и одржливи политики.
Западниот Балкан е затвореник на географија, впрочем како и секој друг регион. И ако географијата е наша судбина, тогаш фактот дека регионот практично е опколен со Европската Унија упатува на заклучокот дека Унијата е нашата судбина. Што воопшто не е лошо. Приближувањето кон Европа не е само пат напред- тоа истовремено е и пат кон нашиот дом, пат кон семејството во кое припаѓаме- семејството на демократски, стабилни, просперитетни нации.
И покрај многуте кризи низ кои минува(ше) Европа изминативе години, сепак народите од Балканот ни за момент не се предомислија во својата цврста посветеност да бидат дел од европското семејство. Напротив- кризите покажаа дека Европа и Балканот се неразделно поврзани на секое поле почнувајќи од економијата до миграцијата и надворешната политика. Не само што кризите не го намалија интересот кај балканските народи за Европа туку и го зголемија- гравитационата сила на европскиот проект уште посилно започна да ги привлекува надежите на народите кои сфатија дека само преку заедничкиот европски проект можат да се носат со многуте предизвици на современиот свет.
Од друга страна и Европа научи една значајна лекција: напуштањето на Балканот не значи препуштање на регионот на демократските, реформаторски сили туку токму обратното- значи препуштање на регионот на надворешните сили кои проповедаат враќање во времињата на тоталитаризмот, како и на внатрешните националисти и популисти кои се’ уште сонуваат за нивните ,,големи’’, но сепак мали држави. Европа сфати дека никогаш повеќе не смее да го оттргне своето внимание од Балканот зашто со тоа не само што ги стопира реформите туку и го поништува макотрпно постигнатиот прогрес во изминативе две децении. Затоа, Унијата мора да изнајде сили за постојана посветеност на развојот на настаните на Балканот, за обновување на сопствените интегративни капацитети, како и за конкретизација на перспективата за членство за земјите од Западниот Балкан.
Несомнено, новата влада и покрај сиот реформаторски капацитет, посветеност и поддршка од Западот ќе се соочи со внатрешни и надворешни блокади на патот кон европската интеграција. Неконструктивноста која опозицијата ја демонстрира на мал милион начини, вршејќи опструкции на суштинските реформски процеси ќе има свое негативно влијание. Неуспешноста на некои политички субјекти да излезат од својот етнички претекст исто така се одразува на потенцијалот на новата влада да ги води реформите. Недостигот на европејство кај некои земји-членки на Унијата не смее да биде пречка за исполнување на ветувањата дадени во основните документи на таа Унија во кои таа се заветила на единство и солидарност.
И така, додека владата под полна пареа работи на реформските процеси, а Европа добива нови сили, напредокот кон Унијата ќе биде детерминиран и од заложбите на земјите-членки за демократизација и европеизација на Западниот Балкан, но и од внатрешните политички сили. Владата треба да продолжи да работи на реформите кои ќе вродат со поредок заснован на владеење на правото и остварен низ принципите на доброто владеење. Унијата треба да се наврати на Копенхашките критериуми како единствена оценка за подобноста на одредена земја за членство. Опозицијата треба да заземе конструктивен курс, а етничките партии да заземат државнички курс. Граѓаните, пак, треба будно да ги следат процесите и соодветно да реагираат. Само така ќе успееме да се вратиме онаму каде што припаѓаме- во нашиот дом, Европа.
Драган Алчинов