Еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји денеска ќе престојува во Скопје. Тој, како што е најавено, меѓу другото, ќе се сретне со премиерот Зоран Заев. Вархеји во минатата недела беше во Бугарија каде што разговараше за надминување на бугарската блокада за почеток на преговорите со Северна Македонија во ЕУ.
Вчера во Скопје престојуваше претседателката на Европската Комисија Урсула фон дер Лајен на разговори за спорот со Бугарија и негово надминување.
„Разговараме и со Бугарија со цел да ја надминеме оваа последна пречка. Има многу добри идеи за коишто вреди да се размисли, сè со цел да ја надминеме последната пречка и да започнеме со првата меѓувладина конференција. Наша цел е да ги почнеме преговорите со Северна Македонија и со Албанија пред крајот на годината. Има многу работа, сметам дека е добар процес, многу разговори, зашто што има многу теми коишто може да се решат со добар дијалог, со инвестирање на добри идеи за тоа како да се решат проблемите. Севкупната цел е да се започне со пристапниот процес којшто веќе не треба да биде попречуван од овие теми, рече Лајен.
Фон дер Лајен претходно беше во Тирана, каде што се сретна со тамошните власти.