ЕВРОДИПЛОМАТОТ ДЕЈВИД ГИР ЗА „ФОКУС“: ЕУ ќе вложи 12 милиони евра во проекти за прекугранична соработка

by Fokus

ИПА 3 Програмата за прекугранична соработка меѓу Република Северна Македонија и Република Албанија, годинава ќе биде во три региони во секоја од земјите-кориснички Пелагонија, Полог и југозапад во Северна Македонија и Дебар, Елбасан и Корча во Албанија.

Разговараше: Соња ТАНЕСКА

 

Евроамбасадорот во нашата земја Дејвид Гир истакна дека одбележувањето на Европскиот ден за територијална соработка е настан што ја промовира заедничката соработка на Северна Македонија и Албанија во рамките на програмата за прекугранична соработка финансирана од ЕУ и е потсетник дека сме подобри кога работиме заедно и секогаш можеме да постигнеме повеќе со здружување на силите.

Со фолклорни танци, гастрономија, ракотворби, модерни  и традиционални носии и заеднички проекти, минатата недела настанот се одржа во центарот на албанскиот град Корча, каде што беа презентирани  проекти во рамки на Програмата за прекугранична соработка помеѓу Северна Македонија и Албанија на Седмиот европски ден на територијалната соработка, насловен „Минато, традиција, иднина. – Начинот на кој комуницираме!

-Имаме повеќе прекугранични програми, и главната цел на овие проекти е Северна Македонија со соседните земји да развијат подобро заедничко разбирање на културите, бидејќи постојат заеднички реки, езера, а ЕУ сака да се фокусира на потребите на локалните заедници, за заедно да ги изградат заедничките капацитети и да поттикнат развој во регионите, а со тоа да се обезбеди и постојан развој, затоа ЕУ инвестираше повеќе од 10 милијарди евра во вакви проекти. Со овие средства се финансираат и бројни вакви програми внатре во ЕУ, кои овозможуваат постојан развој на локалните заедници и прекугранични проекти, појасни Гир во разговор за „Фокус“.

С. МАКЕДОНИЈА И АЛБАНИЈА РЕАЛИЗИРАЛЕ 94 ПРОЦЕНТИ ОД СРЕДСТВАТА НА ЕУ

Тој за „Фокус“ вели дека двете министерства во Северна Македонија и Албанија, што ја спроведуваат ИПА 2 Програмата за прекугранична соработка 2014-2020 година реализирале 14 проекти, во вкупна вредност од шест милиони евра за развој на туризмот, културата, конкурентноста и заштитата на животната средина. Но, дека дополнително се обезбедени и уште 4,5 милиони евра за дополнителни 6 проекти преку оваа програма за прекугранична соработка.

-Постојат три важни приоритети во која насока ќе се движат овие проекти, развојот на туризмот, заштитата на културното и природното богатство, поттикнување на конкурентноста, бизнисот, трговијата и инвестициите, како и заштита на животната средина, ублажување на последиците од климатските промени, како и превенција и управување со кризи. Високи 94 проценти од средствата се потрошени, а тоа е навистина ефективна и висока реализација, парите од останатите шест проценти, пак, се пренаменуваат или, пак, се враќаат во буџетот на ЕУ“, појаснува Гир.

Сепак, детектирани се недостатоци во однос на регионалните капацитети при изведбата на проектите, иако Северна Македонија има висока искористеност на средствата од програмите.

Според Гир, ЕУ, со одлична реализација на проектите, сепак, на локално и регионално ниво, очекува да се зголемат капацитетите, бидејќи често се случува недостиг од компании за изведба, градење или, пак, крајниот ефект не е според очекувањата. Затоа и постојат овие програми за да се зголемат и капацитетите, не само кај локалните заедници и властите, туку и кај давателите на услугите за изведбата на проектите.

Тој за „Фокус“ вели дека треба да се прави разлика меѓу вкупната ИПА програма и програмите за прекугранична соработка, за кои во изминатите години ЕУ, само за ИПА 2 периодот, потрошила над 10 милијарди евра, пред сè, проектите се спроведувале со Грција и Бугарија, потоа Србија, Косово и секако Албанија.

ПРОЕКТИТЕ ТРЕБА ДА ИМ ГО СМЕНАТ ЖИВОТОТ НА ЛУЃЕТО

-Првата цел е овие проекти да им дадат бенефит на локалните заедници, да им го смени животот на луѓето, но е многу важно за процесот на интеграција на Северна Македонија и Албанија, за припојување кон ЕУ, а, пред сè, градење добри меѓусоседски односи, како и развој, и со цел да нема голем диспаритет меѓу соседските земји на ниво на регион, додава евродипломатот.

Гир истакна дека проектите од вториот повик во рамките на програмата за прекугранична соработка преку Северна Македонија -Албанија 2014-2020 година, на кои беа презентирани и промовирани постигнатите резултати беа: „Smart-Cul-Tour“, во чии рамки е направена реконструкцијата и градежни зафати на „ Хераклеја“, потоа „Прекуграничен велосипедизам: авантуристички туризам на повисоко ниво во Маврово – Ростуше и Дебар“, „Откривање скриени атракции“, „Превенција од поплави за заштита на животната средина“, „Нови можности за безбедни зимски авантури“.

ВО ИСТОРИЈАТА НА ЕУ ИМАЛО КОНФЛИКТИ, НО ТИЕ СЕ РЕШАВААТ

-Еден од важните патишта за прием на Северна Македонија во ЕУ се добрососедските односи, разликите постојат, но, сепак, тоа е нешто што треба да се прослави, а прекуграничната соработка постои за да им покаже на две земји дека имаат заедничка традиција. Ако погледнете во историјата на ЕУ, конфликтите меѓу земјите се постојани, ама денес сите седат заедно и тоа значи дека конфликтите се решаваат и треба да се гледа позитивно, затоа што и различностите, како и сличностите, се нешто што ги обележува народите, појасни Гир.

Тој појасни дека проектот за локалитетот Хераклеја не е само дел од културното наследство на Северна Македонија, туку дека е дел од европското културно наследство, тој му припаѓа на целиот човечки род.

-Се надеваме дека нашата поддршка ќе им овозможи на што е можно повеќе луѓе да го посетат локалитетот Хераклеја и дека лекциите што можеме од него да ги научиме за нашата меѓусебна поврзаност, за културата и идентитетот ќе ни помогнат заедно да ја одредиме нашата иднина, рече амбасадорот Гир.

Генералните ИПА фондови се различни од фондовите за прекугранична програма, а ЕУ поддржува прекугранични програми веќе 25 години. ИПА програмите почнуваат од 2007-2013 година, ИПА 2 од 2014-2020  година, а ИПА 3 ќе почне од 2021 до 2027.

ИПА 3 Програмата за прекугранична соработка помеѓу Република Северна Македонија и Република Албанија, која годинава ќе биде во три региони во секоја од земјите-кориснички, Пелагонија, Полог и југозапад во Северна Македонија и Дебар, Елбасан и Корча во Албанија, ќе се  финансира со околу 12 милиони евра.

Поврзани новости