Евроамбасадорот Гир со поддршка за понатамошната работа на претседателката на Судскиот совет

by Fokus

Амбасадор Дејвид Гир, Шеф на Делегацијата на Европската Унија денес се сретна со претседателката на Судскиот совет Весна Дамева.

Како што информираа од Судскиот совет, на средбата, амбасадорот ја поздравил одлуката на Управниот суд и дал поддршка во понатамошното постапување на претседателката Весна Дамева, како и во идните активности и заложби на Судскиот совет, со цел да се обезбеди владеење на правото и враќање на довербата на граѓаните.

„Амбасадорот Гир посебно се осврна на препораките на ЕК, потенцирајќи дека 17 од 40-те препораки содржани во Извештајот на Оценската мисија на ЕК, можат веднаш да се спроведат, бидејќи се краткорочни, не бараат уставни и законски измени, и зависат од самиот Судски совет.

Претседателката Дамева, го информираше Амбасадорот дека уште во текот на наредната недела ќе се одржи работилница финансирана во рамките на ИПА проектот „Поддршка на ЕУ за владеење на правото“, на која ќе се разгледуваат и донесат заклучоци за секоја од препораките на Оценската мисија.

Амбасадорот Гир изрази надеж дека Судскиот совет ќе пристапи и кон реализација на активностите содржани во новата Стратегија за правосудството, кои во значаен дел се однесуваат и на натамошното функционирање на Судскиот совет“ се наведува во објавата на Судскиот совет.

Поврзани новости