Евреите, Палестинците и Македонците

by Фокус

Тероризмот на радикалните Палестинци може да ги предизвика искрите на регионален, па и на глобален конфликт. Но, тероризмот е само метод. Од него секој се брани, но вистинската борба против тероризмот е да се елиминираат причините: во случајов, неправдата врз Палестинците.

Пишува: Денко МАЛЕСКИ

„Трагедијата на Палестинците не е само локална; таа е трагедија за светот, бидејќи е неправда, која е закана за светскиот мир“ – Арнолд Тојнби.

Ја имав привилегијата, како дете на амбасадор на Југославија, веќе до својата осумнаесетта година да живеам меѓу народи на три континенти – Европа, Азија и Африка.

Во тие години не бев свесен колку овој факт влијаел врз формирањето на мојата политичка свест.

Во 1958 година го напуштивме станот на Орце Николов бр. 86 и заминавме во Бејрут, Либан, првата дипломатска мисија на мојот татко, тогашен министер за култура на Македонија.

Либан, по интервенцијата на американската седма флота, тукушто беше излезен од граѓанска војна, а вреќите со песок околу поштата и државните институции и вооружените војници околу нив беа доказ за кревкиот мир.

Тука, во арапскиот свет, во таа 1958, на единаесетгодишна возраст ги учев првите лекции на вистинската политика, таа што ја немаше стабилноста и предвидливоста на еднопартиската диктатура во Југославија:

крвожедни партии во судир на живот и смрт и судбината на пратеник на либанскиот парламент запрен на минување низ некое „опозициско“ село, насилно извлечен од автомобилот и претепан до смрт со стапови;
државен удар во соседна блискоисточна земја;

брутални приказни за убиството на првиот претседател на Ирак, Касем, и како неговото мртво тело било влечено по улиците на Багдад;

создавањето и уривањето на митот на идолот на арапскиот свет Гамал Абдел Насер, гледано со очите на дете, кое тешко разбираше како, по прогласувањето на Обединетата арапска република меѓу Сирија и Египет, масите во Дамаск скокаа и радосно викаа со висококренати портрети на нивниот херој, за по нејзиното распаѓање да ги трескаат портретите на Насер од земја и да скокаат врз нив со писоци на гнев;

експлозија и смрт на десетици луѓе во трамвај, кој, понекогаш, со соучениците го користевме за да стасаме на Плас Детоал во некое од бројните бејрутски кина;

френетичниот аплауз на Арапите во киносалата секогаш кога на екранот ќе се појавеше Хитлер;

шаторските населби на Палестинците на рабовите од големиот град, протерани од својата земја во годините кога се создавала израелската држава, нивната беда и политичките манипулации во арапскиот свет со трагедијата на овој народ…

ПРОТЕРАНИТЕ АРАПИ

Акредитиран и во кралството Јордан, со татко ми, патот често нѐ водеше до Аман преку Дамаск, Сирија. И во тоа време, како и денес, арапскиот свет вриеше од политика.

Тоа беше ерата на еден технички изум што директно ја пренесе политиката во секојдневието на луѓето – на пазариштата, во автобусите, на улиците. Тоа беше ерата на малиот портабл радиотранзистор.

Говорите на миленикот на арапскиот свет, харизматичниот Гамал Абдел Насер од Египет ечеа низ етерот и се прелеваа на улиците на Бејрут и ширум арапските држави.

Слушајќи ги патриотските антиколонијални говори, луѓето бараа спас во истакнати водачи што ќе им го вратат достоинството одземено од колонијалните сили.

Насер во Египет, Бургиба во Тунис, Бен Бела во Алжир, малку подоцна Гадафи во Либија беа парадигма за политичари спасители на Арапите. Но, Палестина и судбината на протераните Арапи беа секогаш централна тема.

Тогаш сѐ уште не разбирав дека, само десетина години порано, во 1948, во време на залезот на колонијализмот, една поинаква колонизација се случила во Палестина.

Колонизацијата на Евреите на палестинската земја воспоставена, не за да го експлоатира локалното население, целта на сите дотогашни колонизатори, туку за да направи место за себе протерувајќи го од неговите куќи и земји.

Симпатиите што Евреите ги уживаа во очите на светската јавност по најстрашната светска трагедија, прогонот врз еврејскиот народ, во кој шест милиони беа физички уништени во озлогласените нацистички логори, го забрза процесот на создавањето на еврејската држава отпочнат пред повеќе од сто години со првите еврејски доселеници.

Во такви услови, малку се мислело на новата трагедија: онаа на палестинскиот народ со протерување на преку седумстотини илјади Палестинци преку организирана акција на „етничко чистење“.

Политичарите на Западниот свет, христијани, кои, под влијание на Библијата, Талмудот и на другите стари книги, тогаш сметале дека е оправдано да се создаде еврејска држава со протерување на „мухамеданците“.

Се разбира, така ги покривале и своите геостратешки цели да забијат клин во арапското тело со цел контрола на Блискиот Исток, регион пребогат со нафта.

Ги нарекувале мухамеданци, не сакајќи да го апсолвираат фактот дека муслимани и христијани Арапи веќе се обединиле околу својот нов национален идентитет – Палестинци.

„ПАЛЕСТИНСКИ СИНДРОМ“ КАЈ МАКЕДОНЕЦОТ

Палестинскиот е само уште еден доказ дека, ако ги оставиме на страна познатите карактеристики на нацијата, заедничката мака е највлијателниот елемент во создавањето една нација.

Токму како во примерот со македонската нација, производ на маката на еден народ разлеан по рабовите на балканските држави по чија земја и души посегале соседните држави.

Во меѓувреме, развојот на израелската држава и на нејзиниот вреден народ предизвика светски симпатии кон овој, во текот на целата историја, прогонуван народ.

Но, симпатиите почнаа да се намалуваат кога, во 1970-тите завладеаја тврдите националистички политики преку натамошно ширење на територијата на државата на сметка на Палестинците, како и на нивна перманентна дискриминација.

Кога, три децении подоцна, по распадот на југословенската федерација станав министер за надворешни работи на Македонија, се соочив со „палестинскиот синдром“ кај Македонецот, особено кај протераниот Македонец од грчкиот дел на Македонија, од Егејска Македонија.

Тогаш разбрав и дека не е лесно да се води политика спротивна на емоциите и желбите на својот народ, но, со силно чувство на мисија, решив да ја зборувам вистината за меѓународната политика со која доминираат интересите и моќта.

Имено, дека сонот за Голема Македонија ќе се претвори во наш кошмар доколку не се прилагодиме на новата ситуација и не смогнеме сили за компромис со Грција.

Во тоа време, кога низ улиците на нашите градови ечеше песната „Има само една вистина…“, воопшто не беше популарно да се каже дека има повеќе вистини за Македонија.

Тогаш, почнав малку подобро да ги разбирам и палестинските политичари. Имено, критиките до сите палестински политичари, од создавањето на државата Израел во 1948 до денес, е дека не смогнале сила навреме ги прифатат предложените компромиси за кои Арапите можат само да сонуваат денес.

На пример, денес можат само да сонуваат за првиот мировен план што им беше предложен на Палестинците да се подели територијата на Палестина на половина.

Критиката врз палестинското водство од тоа време и подоцна е што не смогнало сила да му соопштат на својот народ дека нема веќе „цел леб“, туку само „половина леб“ со предупредување дека „лебот“ ќе се смалува со текот на времето ако не се побрза со компромисно решение.

Сега, од оваа дистанца, јасно е дека понудата требало да се прифати, но тогаш, во атмосфера на зовриени повоени страсти, тоа било незамисливо.

Оттаму, денес сум склон да мислам дека, иако, како што вели онаа изветвена теза, палестинските политичари не пропуштиле шанса да пропуштат шанса, има и причини за тоа.

ЗАКРВЕНИ ВО ОМРАЗА

Западната политичка мисла постојано инсистира на водството како решение на тешки проблеми, но прашање е дали народот би го следел таквото водство или би го растргнал на улица.

Еве и по 75 години нема решение на проблемот. Но, и нам ни требаше 30 години да дојдеме до Преспанскиот договор. Разликата е што европската перспектива на Македонецот се смета за компензација за компромисот.

Перспектива која го гарантира мирот и благосостојбата во обединета Европа на рамноправни народи, која ја нема на Блискиот Исток.

Од Палестинците се бара да се помират со фактот дека силните го прават она што можат, а слабите она што мораат. И толку.

Но, така не се отклонуваат причините за војната која некои мислители ја наоѓаат во срцата на луѓето.

„Перверзноста на нашата глупост е толку искривена, за никогаш да не престанеме од нашите срца како со удари на чекан по кремен камен, да предизвикуваме искри на нова мизерија за нас, додека сите повторно не гориме во пламен“, пишува Милтон посочувајќи на човековата природа како на вечен извор на војните.

Тероризмот на радикалните Палестинци може да ги предизвика искрите на регионален, па и глобален конфликт. Но, тероризмот е само метод. Од него секој се брани, но вистинската борба против тероризмот е да се елиминираат причините: во случајов, неправдата врз Палестинците.

За, така да речам, да се смират срцата на двата народи. Преку компромис? Но, можен ли е компромис кога двата народи положуваат право врз истата територија? Немам вистински одговор.

Знам само дека екстремните националисти на двете страни, оние кои заговараат уништување на другата страна, не се решение. Напротив, предизвикуваат само нови насилства.

Моето решение е чисто теоретско: една заедничка арапско-палестинска држава со еднакви права за Евреите и Арапите. Но, стварноста го отфрла ваквото решение.

Двата народи се закрвени во омраза, па искрите од нивните срца одново и одново ги потпалуваат војните меѓу Евреите и Палестинците.

Поврзани новости