Споделувањето на искуството на лидерите на енергетските компании во земјата беше клучен момент на конференцијата „Македонски енергетски форум 2021: Мапирање на енергетската иднина“ кадешто главниот фокус беше ставен на имплементацијата на „Зелениот договор“ на Европската унија кој предвидува до 2050 целата произведена енергија да доаѓа од обновливи извори. Токму затоа, панелисти на конференцијата беа претседателот на Управниот одбор на ЕВН Македонија, г. Штефан Петер, генералниот директор на ЕСМ, г. Васко Ковачевски и директорот на МЕПСО, г. Куштрим Рамадани.
Компанијата ЕВН Македонија е лидер меѓу енергетските компании во земјата кога станува збор за градење предуслови за големата транзиција кон „Зелениот договор“.
Своето долгогодишно искуство во реализација на бројни иновативни проекти кои придонесуваат за доброто на животната средина, ЕВН во последните години ја докажа преку градење на национална инфраструктура на полначи за електрични возила. Со проектот „Електромобилност„ се изградени над 50 полначи низ различни градови, со што се поттикна користењето на електричните возила и воедно се овозможи патување во поголеми дистанци.
На панелот посветен на „Сеопфатен пристап на транзицијата кон чиста енергија“, г.Штефан Петер – претседател на Управниот одбор на ЕВН Македонија истакна: „ЕВН целосно ја поддржува транзицијата на енергетскиот сектор и спроведувањето на „Зелениот договор“ во земјата и дава свој конкретен придонес. Но, за да го реализираме успешно овој процес не е доволно да имаме само цел, неопходно е да имаме и план и тоа на две нивоа, технички и финансиски.“ Тој додаде дека транзицијата кон енергија добиена од вода, сонце и ветер е важен и сложен процес и затоа е неопходно соодветно информирање од сите можни аспекти.
Неизбежлив дел од процесот на транзиција е и подготовката на мрежата која е стара повеќе од 100 години и нема можност за двонасочност. Тоа значи дека енергијата само се испорачува до корисниците, но истите немаат можност да ги вратат и продадат вишоците што ги создаваат. Исто така, од особена важност е да се внимава на создавање на систем кој ќе се базира на балансирана енергија, бидејќи неопходна е континуирана одржливост.
На панелот зборуваше и генералниот директор на „ЕСМ“ Васко Ковачевски, кој ги престави проектите за користење на обновливи извори на енергија со што ќе се придонесе кон исполнување на критериумите на „Зелениот договор“, а на долг рок ќе ѝ обезбеди на земјата енергетска независност.
Директорот на МЕПСО, г. Куштрим Рамадани зборуваше за реализираните и планирани проекти во делот на транзитната високонапонска инфраструктура и поврзувањето со соседните земји, во насока на градење на поголем број на енергетски коридори.