-Не е точно дека загубите на електрична енергија во мрежата се поврзани со етничката припадност на населението. Липково ќе биде прва општина во земјава целосно покриена со смарт броила за електрична енергија и со загуби од десет проценти, а Скопје е регион со највисоки загуби од дваесет проценти, изјави денес менаџерот на Електродистрибуција Сашо Салтировски.
Тој ова го кажа при денешната посте на лабораторијата на ЕВН каде се врши испитување и верификација на електрични броила, каде беше заедно со министерот за економија Крешник Бектеши и со директорот на Бирото за метрологија Авдуљ Сељам Селами.
Во Арачиново броилата се надвор на улица и таму има 10 проценти загуби во јуни и во јули, така што тој проблем е веќе среден. Арачиново има загуби од 10 проценти, тоа е на ниво на технички загуби и се едни од најниските на ниво на цела Македонија. Во Слупчане проектот оди глатко и веќе се привршува така што општина Липково ќе биде првата општина во Македонија целосно покриена со смарт броила и цела општина со загуби под 10 проценти, рече Салтировски во одговор на новинарско прашање.
Toj нагласи дека ЕВН во Липково работи на загубите на енергија повеќе од десетина години, а работи и на многу други места, како што се Грчец, Батинци, но почнува проекти и во Драчево и во Лисиче.
Директорот на Бирото за метрологија Авдуљ Сељам Селами кажа дека Бирото секогаш им излегува во пресрет на граѓаните кои се пожалиле и имале сомнежи во врска со точноста на броилата и секогаш испитувањето се повторило, за да се надминат сите двоумења кои ги имале граѓаните.
Тој ги повика сите граѓани кои имаат сомнежи за точноста на електричните мерила, слободно да се обратат до Бирото за метрологија која ке ги провери повторно броилата со што ќе се отфрлат сомнежите кои се однесуваат на трошењето на електричната енергија.
Министерот Бектеши рече дека освен нови апарати и инструменти Бирото ќе има обврска да прави контроли за подобрување на квалитетот на услугите за граѓаните, за да не бидат во заблуда во одредени моменти.