Во Њујорк вчера беа евакуирани неколку згради додека полицијата истражуваше сомнителен пакет во близина на Источната 43-та улица и Третата авенија на Менхетен, на неколку блока од седиштето на Обединетите нации, каде што се одржува Генералното собрание на ОН.
Полициската управа на Њујорк (NYPD) ги затвори улиците и ги повика граѓаните да ја избегнуваат областа поради затворените патишта и можните доцнења, пренесува „Фокс њуз“.
Според непотврдени информации, сомнителниот предмет би можел да биде куфер оставен без надзор.
Полицијата потврди дека биле евакуирани згради, но не соопшти колку точно.
Откако интервенцијата заврши, улиците беа повторно отворени, а полициските службеници одбија да соопштат детали за сомнителниот пакет, вклучувајќи ја неговата локација и содржина.
Инцидентот се случи за време на Генералното собрание на ОН, на кое присуствуваат многу светски лидери.
Американскиот претседател Доналд Трамп вчера одржа говор на Генералното собрание и оствари неколку билатерални средби со странски функционери.