Евакуирани над 1000 луѓе во Херсон, 7 лица се исчезнати

by Fokus

Продолжуваат меѓусебните обвинувања меѓу Киев и Москва за уривањето на големата брана Нова Каховка во областа Херсон, а досега од областа се евакуирани повеќе од 1.000 луѓе.

Нивото на водата во Нова Каховка утринава почна да опаѓа, по вчерашното зголемување поради уривањето на браната, соопшти локалната управа формирана од Москва, пренесува Ројтерс.

Нивото на водата на претходно поплавените улици на Нова Каховка почна да опаѓа“, соопштија локалните власти на Телеграм. Набргу по уривањето на браната, нивото на водата во тој град порасна за 11 метри.

Според прелиминарните податоци, седум лица исчезнале во околината на Нова Каховка по уништувањето на хидроцентралата, изјави градоначалникот на градот Владимир Леонтиев на својот канал на Телеграм.

Тој додаде дека во текот на ноќта нивото на водата во Нова Каховка паднало за 35 сантиметри.

Населбата Корсунка на левиот брег на Днепар беше целосно потопена поради неконтролираното испуштање вода од акумулацијата Каховка, што беше резултат на уништувањето на хидроцентралата.

„Селото Корсунка е целосно под вода, Днепар, Кринки, логорите на Козаците се поплавени до покривот“, изјави Леонтиев.

Големата брана Нова Каховка вчера беше уништена при гранатирање, а водата се излеа и ја поплави околината. Прогласена е вонредна состојба, а населението се евакуира.

Руските власти тврдат дека Украина ја саботирала браната Каховка за да го сврти вниманието од неуспешната контраофанзива и да го прекине водоснабдувањето на Крим.

Киев, од друга страна, ја обвини Русија дека нејзините сили ја кренале во воздух хидроелектричната брана Каховка во јужна Украина.

Поврзани новости