Пишува: Трифун Костовски
Почитувани читатели, моето навраќање на стечајот на Еуростандард банка е со цел уште еднаш да покажам и докажам дека овој чин бил многу порано смислен, само со една единствена цел, да се скријат трагите на одлеаните пари од банката.
Креаторите на овој грозоморен чин порано или подоцна ќе се соочат со законот.
Сведоци сме дека оставката на Душко Тодевски претходниот стечаен управник на Еуростандард банка во стечај е прифатена од стечајниот судија и е именуван нов во лицето Маринко Саздовски.
Утврдената награда од самиот себе за сработеното во прибирање на средствата во вкупната стечајна маса Душко Тодевски ја легализираше преку објавување во Службен весник на 28 Февруари оваа година. Оваа награда изнесува повеќе од 150 илјади евра, средства, на правните и физичкилица и средства на акционерите.
Работењето на поранешниот стечаен управник ДушкоТодевски е сомнително. Главниот сомнеж избива од предвидените алатки кои ги дава Законот за стечај за прибирање на средства во стечајната маса. Тој закон кој воопшто не бил применуван од Душко Тодевски е „Побивање на правни дејствија на стечајниот должник“.
Што во основа значи овој закон? Со овој закон му се овозможува на стечајниот управник да влезе во трагата на парите и да бара од крајните корисници на овие средства независно на каков начин се здобиле со тие средства, да ги вратат во стечајната маса. Со неприменувањето на овој закон од Законот за стечај се покриваат трагите на одлеаните пари, значи престанува постапката да се прибираат пари од крајните консументи. Кому му одговара да не ги знаеме трагите напарите?
Бидете сигурни дека на сторителите на овој злостор, тоа им одговара.
Одново и одново се повторува старата дилема, зошто Народна банка без никакви длабински анализи ја однесе Еуростандард банка во стечај и без притоа да ги употреби сите алатки кои и стоеја на располагање за нејзино санирање.
Стечајот, а со него и стечајните управници треба да ја одработат таа работа со која треба да ја покријат трагата на одлеаните финансиски средства.
Налудничавата одлука за носење на Еуростандард банка во стечај е ставена како единствена опција пред криминалците кои ги опљачкаа коминтентите и на санкционерите, бидејќи со новиот Управен одбор предводен од господинот Горан Трајковски, а поддржан од санкционерите влеговме веќе во трагата на парите, што претставуваше голема опасност по креаторите на овој злостор.
Почитувани читатели, се работи за големи парио длеани од банката. Говорам за финансиски средства кои се тука во Македонија и доколку се следи трагата на парите може да се дојде до крајните корисници.Сигурно ќе дојдеме до крајните корисници, ама тоа нема да биде пријатно за сторителите.
Почитувани читатели, високото место на Република Македонија по степенот на криминал и корупција кое секоја година се обзнанува преку Транспаренси Интернешнл е само уште еден доказ дека во Македонија владее криминалот кој што е организиран од поединци и групи пред кој институциите на системот клечат, молчат и извршуваат.
Па дури слободно можам да констатирам дека и големите политички партии од македонскиот блок се ставени под притисок да не можат да делуваат на овој план.
Не смееме да дозволиме криминалот да царува во Република Македонија, мора да му застанеме на патот, бидејќи жртви ќе бидеме сите ние, чесните граѓани.
Денешнава колумна ја завршувам со констатацијата: одлеаните пари од Еуростандард банка се воМакедонија кај помалку или повеќе познати правни и физички лица.
Недвосмислено барам од Владата на Република Македонија да ми ја врати банката и јас да ја водам истрагата, а не стечајните управници.
Многумина од вас ќе го толкуваат моево барање како налудничаво.Верувајте дека не е. Кога се бара вистината, тогаш ќе ги употребам сите можности за да стигнам до неа.