Изјавата на гувернерката Бежоска објавена во неделникот Фокус дека од акционерите извлекла нови 11 милиони евра не за да ја спаси банката, туку да обезбеди повеќе средства за оштетените, укажува на фактот дека одлуката за стечај на Еуростандард банка веќе била донесена, а улогата на Комерцијална банка околу овој стечај ќе биде обзнанета кога ќе се завршат сите мои приватни истражни постапки.
Пишува Трифун КОСТОВСКИ
Иако немав намера денес да се навратам на местото и улогата на Комерцијална банка околу стечајот на Еуростандард банка, меѓутоа официјалното соопштение кое што се објави од страна на Управниот Одбор на Комерцијална банка, во текот на минатата недела, беше повод повторно да се вратам на местото и улогата на Комерцијална банка за стечајот на Еуростандард банка.
Најнапред сакам да укажам дека вакво официјално соопштение упатено од страна на Комерцијална банка до јавноста го толкувам како чин кој што многу ќе ми помогне во мојата натамошна истрага.
Не сакам да го коментирам вокабуларот што беше користен во тоа соопштение, бидејќи сепак говориме за веќе неколку години наназад, банка број еден во Република Македонија. Изразите во самото соопштение од типот замајување и дезинформација на јавноста ја сметам патетична, а уште повеќе фактот што мене ме именуваат како главен виновник за носењето на банката во стечај. Зачудува фактот што Управниот одбор на Комерцијална банка во континуитет ги прати настаните околу стечајната и пост-стечајната постапка на Еуростандард банка, и дури многу длабоко е навлезена во генезата на мојата веќе 16 месечна војна.
Ќе одговорам дека банкар не сум и дека не сум имал можност да ги контролирам Управните одбори, кои секако биле блиски со актуелното раководство на Комерцијална банка. Бидејќи Комерцијална банка ги посочува и Управните одбори како виновници за лошите пласмани, претпоставувам дека прави дистинкција меѓу стариот Управен одбор, во состав Петкоски-Николовски, кој беше многу близок до актуелниот Управен одбор на Комерцијална банка и новиот Управен одбор предводен од Господинот Горан Трајковски.
Со цел јавноста да биде целосно информирана, Господинот Трајковски уште при самото доаѓање на позиција прво како втор, а потоа како прв Генерален директор ја замоли сопругата да излезе од работа од Комерцијална банка и да се вработи во друг правен субјект. Причините на Горан Трајковски беа многу јасни, бидејќи ја осозна генезата на девијантното работење на претходниот Управен одбор и сосема беше нормално неговата сопруга го напушти нејзиното работно место во Комерцијална банка.
На Комерцијална банка ѝ стана јасно дека со новиот Управен одбор ќе се прекине соработката со Еуростандард банка. Предходниот Управен одбор на Еуростандард банка ги имплементираше во работењето на Еуростандард банка лошите манири, преземени од Комерцијална банка за користење на трансакциски сметки на физички и правни лица за лукративни потреби. Оваа практика со користење на сметки на физички и правни лица без нивно знаење стана вообичаена и за Еуростандард банка после 2013 година.
Истовремено од тој датум отпочнува „меѓусебната соработка“ за префрлување на лоши пласмани од една во друга банка при моменти на супервизија од Народна банка, која редовно се појавуваше и во двете банки. Жално е што дел од овие лоши пласмани Комерцијална банка никогаш не си ги зема назад. Случајот со Прототип, фирма, клиент на Комерцијална банка која остана во Еуростандард банка со 2,5 милиони евра лоши пласмани.
Втор елемент што многу ме заинтригира е фактот дека Комерцијална банка се става во одбрана кон лицата кои сум длабоко убеден дека носат вина за стечајот на Еуростандард банка, а тоа се екс Премиерот Заев, Техничкиот Премиер Оливер Спасовски и актуелната Гувернерка Бежоска. Ваквиот факт говори за себе дека Комерцијална банка била многу добро информирана пред самиот стечај на Еуростандард банка, а уште повеќе после направениот стечај.
Актуелниот Управен одбор е свесен дека Госпоѓа Бежоска цело време нè упатуваше да се дадеме или продадеме на Комерцијална банка. Кога ние, акционерите рековме НЕ на ваквиот предлог и го преземавме чекорот за нов Управен одбор беше јасно дека нешто се спрема за Еуростандард банка.
Денес ми е ситуацијата појасна. Ќе прашате зошто? На неколку пати повиканата Комерцијална банка дека незаконски користела депозит од Еуростандард банка од 3 милиона евра, денеска сè уште молчи. Ние, акционерите бевме под притисок од актуелниот Управен одбор на Комерцијална банка да потпишеме изјава дека нема да ги гониме надлежните во Комерцијална банка за овие злоупотребени 3 милиони евра при потпишувањето на новиот договор за кредит од 10 милиони евра кој прво како субординиран кредит го вложивме во Еуростандард банка, а потоа истиот беше употребен како докапитализација на Еуростандард банка.
Констатирам синергија меѓу гувернерката на Народна банка, Анита Бежоска и Управниот одбор на Комерцијална банка во постапките што се водеа против Еуростандард банка во втората половина на 2019 година и првата половина на 2020 година. Причината за ваквата моја констатација е следна: Госпоѓата гувернер Бежоска, нас, акционерите цело време нè туркаше во прегратките на Комерцијална банка. Кога таа љубов не се реализира дојде до казна по нас акционерите за максимална брза докапитализација, која ја направивме во многу брз период, секако додавајќи еден силен правен субјект од осигурителниот бизнис.
Изјавата на гувернерката Бежоска објавена во неделникот Фокус на ден 3 Септември 2020 година, со нејзината изјава дека од акционерите извлекла нови 11 милиони евра не за да ја спаси банката, туку да обезбеди повеќе средства за оштетените, укажува на фактот дека одлуката за стечај на Еуростандард банка веќе била донесена.
За местото и улогата на Комерцијална банка околу овој стечај ќе биде обзнанета кога ќе се завршат сите мои приватни истражни постапки.
Почитувани читатели, вина има и во мене, бидејќи верував во професионалноста на моите поставени генерални директори. Системот е тука кој што треба да ме штити мене како човек и мојот капитал. Системот во банкарскиот систем на кого го упатувам прстот е Народна банка. Денес отворено се прашувам кој се е вклучен во убиството на Еуростандард банка?
Ако госпоѓата Бежоска актуелна гувернерка на Народна банка беше егзекутор, кој е нарачателот? Ве упатувам на заклучоци. Ќе се прашате – Зошто? Мојот одговор е следен: Македонија пред 2 години беше на 111 место на светската листата по корумпираност објавена по Интернешнл Транспаренси, а денес е на 87 место. Еуростандард банка кога отиде во стечај, Македонија беше на 111 место. Падот на местата по корумпираност се должи пред сè од стравот да се продолжи со старата пракса, која го уништува безмилосно поединецот и неговиот капитал.
Организираниот криминал и корупција не се на улица, не се во кафетерии и ресторани, туку токму во институциите на системот на државата и силни финансиски групации кои што денес функционираат во Република Македонија како сива еминенција. Капиталот и парите ја диктираат и политичката сцена во Република Македонија. Така што, на крајот завршувам: го разбирам ставот на Комерцијална банка дека се однесува како патрон кон своите миленичиња Заев, Оливер Спасовски и Бежоска, но што е со сивата еминенција? И тоа ќе се дознае.