Еуростандард банка и институциите на системот во Македонија

by Fokus

Денeс повторно ќе се навратам на прашањата поврзани околу стечајот на Еуростандард банка, меѓутоа овој пат сакам посебно да се осврнам на местото и улогата на институциите на системот и нивната функционалност во нашиот живот. Република Македонија е демократска земја со вграден принцип на парламентарна демократија.

Пишува Трифун Костовски

 

Парламентарната демократија е највисок степен, барем за мене, за начинот како треба да се развива државата, севкупното општество во државата и посебно поединецот кој што треба да ги реализира своите потреби, права и обврски.

Излеговме од еднопартискиот систем и едноумието кон крајот на 80-те години и по начинот на кој се практикува демократијата во денешна Македонија, сѐ повеќе сум убеден дека влеговме во безумие. Безумието кое денеска е се-присутно во Република Македонија се отсликува во сите пори на нашето живеење, почнувајќи од образовниот систем и неговото спроведување, поставувањето на здравствениот систем и неговата функционалност, поставеноста со веќе длабока политизираност во институциите МВР, Обвинителство, судство и институцијата Народна банка.

Во Македонија постои квази демократија

Во секое демократско општество каде што владее правото, приватната сопственост и капиталот се светост. Дали ова важи за Македоноија? Бидете убедени дека апсолутно не. Во Македонија постои квази демократија со квази парламентарен систем кој е во функција исклучиво на лукративните интереси на поединци и групи за нивно лично богатење, каде што личниот интерес и интересот на своите приврзаници се става на пиедестал.

Бизнисот што го водев во последната декада на минатиот век и првата декада на 21 век ме научи дека приватниот капитал и приватноста се светост кои треба да се приоритет во вистинско демократско општество. Живеев и работев во Полска и Австрија. Таму владееа закони.

Мојата приватна сопственост во Полска и Австрија и денеска ми е загарантирана од самите држави или поточно од институциите во самите држави. За жал во Република Македонија немам такво чувство. Не само што немам такво чувство туку ги осетив на сопствена кожа сите аномалии во нашата држава кои се од чист институционален карактер, говорам за институции кои по вокација треба да го бранат мојот интерес.

Институциите ставени под влијание 

Изминаа 18 месеци од носењето на Еуростандард банка во стечај. Институциите во Република Македонија кои беа задолжени со закон да го бранат мојот интерес и капитал се ставени под влијание на поединци и групи блиски до политичките структури на власта.

За појаснување: Еуростандард банка е грин-филд инвестиција во која се внесени чисти финансиски средства во милиони евра и јас како сопственик сметав дека системот во државата ќе ме брани од поединци и групи кои имаат лукративни интереси. За жал тоа не се случи.

Подолу ги наведувам фактите:

1. Народна банка имајќи на располагање алатки за контрола на банкарскиот систем во Македонија, таа не ги почитува. Замислете од четири алатки, а тоа се редовни мерки, вонредни мерки, администрација и на крајот стечај, Народна банка ги прескокнува вонредни мерки и администрација и директно ја носи банката во стечај. Народна банка е со закон обврзана да го штити мојот личен капитал како инвеститор и сите финансиски средства на физички и правни лица во банките. Да појаснам ЕУростандард банка беше прва и последна грин-филд инвестиција во Република Македонија во банкарскиот сектор во последните три децении.

2. Техничка Влада на чело со Оливер Спасовски, носи уредби со сила на закон во време на вонредна состојба поради пандемијата Ковид-19, во кои што првата објавена во службен весник на 24 март 2020 година, со која уредба се забранува стечај на правните лица минимум 3 месеци по завршувањето на вонредната состојба, за да, со исто таква уредба, ама овој пат објавена на 29 мај 2020 година, забраната за носење во стечај на правни лица се суспендира, а тоа во превод значи стечај веднаш по завршувањето на вонредната состојба предизвикана од пандемијата. Народна банка ја носи Еуростандард банка во стечај, уште во време кога во Македонија владее Техничката влада, после тукушто завршените предвремени Парламентарни избори и при сѐ уште не формирано Собрание на Република Македонија и нова Влада. Местото и улогата на Техничката Влада мора да се расчисти во овој случај.

3. Постојат сериозни индикации дека носењето на Еуростандард банка во стечај бил планиран чин минимум една година наназад. Ние акционерите ја докапитализиравме банката со 11 милиони евра во фебруари-март месец 2020 година, а со новиот Управен одбор бевме решени да ги истераме сите аномалии на виделина кои беа практикувани во банката од предходниот Управен одбор каде на многупати се појавува Комерцијална банка како соучесник. Факт е што повлекување на депозитите од Еуростандард банка уште во третиот квартал на 2019 година, на актуелната во тој период Министерка за Финансии Нина Ангеловска и актуелниот стечаен управник на Еуростандард банка Душко Тодевски, е индикатор дека носењето во стечај на Еуростандард банка бил планиран чин. Говорам за две клучни фигури кои биле запознаени по свои канали за намерата дека Еуростандард банка ќе биде однесена во стечај.

Почитувани читатели со намера го држам вашето внимание околу овој случај до објавувањето на извештајот на кој што работи тим на експерти, ангажирани од моја страна за стечајот на Еуростандард банка и воопшто за севкупниот банкарски систем во Република Македонија. Многумина мои сограѓани транзицијата на општествениот  во приватен капитал сметаат дека е завршена до крајот на 2000 година.

Не, почитувани мои читатели, транзицијата сѐ уште не е завршена. Изменети се методите на таа транзиција. Ако во 90-те години приватизацијата на општествениот капиал беше грабеж, за жал морам да констатирам дека таа транзиција продолжи да се практикува  токму преку приватните трансакциски сметки на приватни и правни лица каде без знаење на сосптвениците се прават трансакции за купување и продавање на акции, фирми и имоти.

Транзицијата продолжува далеку од очите на јавноста, а за мене ваквата транзиција каде се измамени коминтентите на банките е криминална.

Повторувам, организираниот криминал е симбиоза меѓу поединци и групи од една страна и институциите на системот. 

4. Обвинителството кое по закон треба да го води и да го расчисти криминалот во стечајот на Еуростандард банка, до денес не направи никаков исчекор во нивните истраги, а се работи за милионски суми во евра на украдени пари. Личниот мој имот стекнат уште пред формирањето на банката ми е замрзнат.

Објаснување нема. Го повикувам Обвинителството на чело со Јавниот обвинител Јовески да си ја вршат својата обврска чесно и ако сум виновен нека ме обвинат, ама нема да дозволам предметот Еуростнадард банка во стечај да оди во заборав.

Судството молчи, Истражните органи при МВР и Министерството за финансии молчат. Оштетените штедачи од Еуростандард банка со право се револтирани од односот на институциите кон нивните чесно заработени стердства. Жално е што доаѓам до поразителен факт дека институциите на системот наместо да го штитат мојот капитал и мојата приватност се ставени во функција на поединци и групи кои што сѐ уште ја туркаат транзицијата за лично богатење на сметка на општеството, како во случајов.

Почитувани читатели, инсистирам сериозно да го разберете овој текст. Јас не сум гаталец, за жал во случајов, јас сум паталец, паталец од системот. Убеден сум дека не сум единствен, нѐ има многумина. Дали ќе го толерираме ваквиот начин на практикување моќ или ќе му кажеме стоп или доста е, зависи исклучиво од нас.

Поврзани новости