Еуроникел: Стоиме на располагање на институциите во детекција на евентуални неправилности на пазарот со мазут

by fokus

Правиме контроли на мазутот и досега не се забележани неправилности ние стоиме на располагање на сите надлежни органи и институции, како со податоци, така и со други инструменти, да помогнеме во детекција на евентуални неправилности на пазарот со мазут, но и секакви други енергенси и репро материјали кои би можеле да имаат влијание врз животната средина, велат од Еуроникел Индустри во соопштение до јавноста по документарната емисија „Заговор против воздухот“.

Во соопштението до јавноста компанијата тврди дека е носител на А-интегрирана еколошка дозвола и дека согласно бројните обврски што произлегуваат од оваа дозвола, меѓу кои и квалитетот на воздухот, во и околу фабриката се врши 24 часовно мерење на емисиите во воздухот и квалитетот на истиот. -Дополнителен мониторинг вршат и акредитирани лаборатории и сите овие податоци постојано се поднесуваат до Министерството за животна средина и просторно планирање. Во изминатите три години, мерењата покажуваат дека квалитетот на воздухот е одличен. Сите овие податоци се јавно достапни, се вели во соопштението.

Исто така тврдат дека вршат интерни контроли на квалитетот на мазутот, како репроматеријал којшто го користат во технолошкиот процес.

-Покрај овие контроли, користиме и контрола од страна на акредитирани лаборатории. До сега од наша страна не се забележани неправилности. Ќе подвлечеме дека како и секое друго правно и физичко лице кое купува на домашен пазар, ние немаме законска обврска да го контролираме квалитетот или потеклото на репро материјалите: тоа е обврска на увозникот кој поседува соодветна лиценца за увоз и институциите како контролен механизам. Исто така, ќе истакнеме дека ние сме производител на никел од светски калибар, којшто ги имплементира сите најсовремени методи за заштита на животната средина, а не компанија за третирање отпад. За нас е исклучително важен квалитетот на репроматеријалите, вклучително и мазутот, кои ги користиме во производниот процес, бидејќи колку е повисок квалитетот на енергенсите, толку е поголема ефикасноста, подобри се нормативите и повисок е квалитетот на нашиот финален производ – никелот, што е наша крајна цел, бидејќи нашиот никел се пласира на европскиот и светскиот пазар, каде наша конкуренција се производители од Европа, Америка, Канада, Австралија и други, се додава во соопштението.

Како што објави Истражувачката репортерска лабораторија најголем „клиент“ на компанија од Кичево, која го увезувала спорното масло од Чешка преку Босна и Херцеговина, е поранешната фабрика ФЕНИ, а сега „Еуроникел“ од Кавадарци.

Поврзани новости