Еуромакс рисорсис најави судска постапка по повлекувањето на одлуката за спојување на концесиите за рудникот во Иловица

by Fokus

Еуромакс рисорсис по владината одлука за повлекување на решението за спојување на концесиите за рудникот Иловица – Штука најави дека може да покрене арбитража,  а македонски министри кои  даваа изјави против отворање на рудникот би можеле да бидат предмет на директна правна постапк.

Според компанијата арбитражата ќе биде неминовна затоа што оваа одлука е донесена спротивно на законите или е политички мотивирана,  откако овие информации се доставени и до Берзата во Торонто, Канада каде котира компанијата.

Еуромакс бара Владата да го преиспита спојувањето пред правната разврска и меѓународна арбитража, а тука се вклучени и постапки против поединечни лица.

„Иако непоколеблив приоритет за компанијата останува развој и изградба на рударскиот комплекс во целосна согласност со современите домашни и меѓународни еколошки стандарди, согласно правилата на Меѓународниот центар за решавање на инвестициски спорови компанијата веќе испрати формално известување за спор до Владата и сега може да покрене меѓународна арбитража во секое време. Сите инволвирани страни може да бидат предмет на директни правни дејства доколку во легална процедура се покаже дека новата одлука е во спротивност со позитивните законски прописи на Република Северна Македонија, или е политички мотивиранa“, се вели во информацијата од Еуромакс објавена денеска.

За Еуромакс одлуката е донесена без правна основа, а на ова претходеа и изјави на дел од министрите во Владата дека тие се лично против отворање на рудник во Иловица. Овие изјави и стенограмите од владините седници на кои се носеа одлуките може да бидат употребени во правни постапки против државата, предупреди и министерот за економија Крешник Бектеши на конференцијата за медиумите по одлуката за повлекување на спојувањето на концесиите.

Неколкумина министри на македонската влада пред владината одлука даваа изјави дека се против изградба на рудникот и покрај позитивните мислења дадени од некои надлежни институции.

 

Поврзани новости