Европската унија (ЕУ) изрази жалење поради тоа што новата претседателка на С. Македонија, Гордана Сиљановска -Давкова, не го употреби уставното име на државата на денешната церемонија кога даде заклетва, изјави портпаролот на ЕУ – Петер Стано.
„ЕУ потсетува на важноста од целосно почитување на постоечките, правно обврзувачки договори, вклучувајќи го и Договорот од Преспа со Грција“ – изјави Стано.
Гордана Сиљановска-Давкова денеска положи свечена заклетва во Собранието, по што го почна мандатот како претседателка на државата откако победи на претседателските избори на 8 мај.
При давање на заклетвата, повторувајќи по претседателот на Собранието, Јован Митрески кој го користеше уставното име Република Северна Македонија, Сиљановска-Давкова употребуваше само Македонија.
Претходно и претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен, во објава на мрежата Икс порача дека „за Северна Македонија да го продолжи својот успешен пат кон пристапувањето во ЕУ, најважно е земјата да продолжи по патот на реформите и целосно почитување на нејзините обврзувачки договори, вклучително и Договорот од Преспа“.