Агенцијата за воздухопловна безбедност на Европската унија (ЕАСА) денеска предупреди на „зголемени ризици“ за авионите кои летаат над Русија поради недостаток на координација со војската, што се покажа, како што беше наведено, во неодамнешната несреќа на азербејџански авион.
Во известувањето за безбедноста во конфликтните зони, EASA ја повтори својата препорака до авиокомпаниите да не летаат низ западниот руски воздушен простор, кој Москва претходно го забрани за превозници со седиште во ЕУ, но сè уште се користи од авиони од Кина, Турција, Индија, Персискиот Залив и некои други.
Зоната за која станува збор се наоѓа „западно од 60-тиот источен меридијан на сите надморски височини и сите нивоа на летови“, додава европската агенција, која, без оглед на мерките што ги презема Русија, препорачува избегнување летање над дел од таа територија од почетокот на руската инвазија на Украина во февруари 2022 година.
Во новото советување, агенцијата посочува дека конфликтот создава ризици за цивилните авиони кои ненамерно би можеле да станат мети, поради можниот недостаток на координација меѓу цивилните и воените власти кога ќе почне да дејствува противвоздушната одбрана.
Се однесува на трагичниот случај со летот 8243 на Азербејџан ерлајнс.
Триесет и осум лица загинаа во падот на авионот, кој летал меѓу Баку и Грозни, главниот град на руската република Чеченија, на 25 декември.
Рускиот претседател Владимир Путин призна дека противвоздушната одбрана била активирана на денот на падот поради напад на украинско беспилотно летало, но Кремљ вчера повторно одби да ја признае својата одговорност за авионската несреќа и покрај инсистирањето на Баку.