Граѓаните на трети земји кои следното лето ќе патуваат во земјите членки на Европската унија ќе треба да платат такса во износ од седум евра, пишува Гардијан, поради воведувањето на Etias – европскиот систем за информации за патување и одобрување патувања.
Илва Јохансон, еврокомесар за внатрешни работи, потврди дека Etias најверојатно ќе стапи на сила до мај следната година.
Etias е сличен на американскиот ESTA, а државјаните на трети земји ќе треба да аплицираат за одобрение за патување пред да влезат во Шенген зоната, која ги вклучува 27-те земји-членки на ЕУ и Исланд, Лихтенштајн, Норвешка и Швајцарија. Откако ќе биде одобрено барањето, сертификатот ќе важи три години или додека не истече важноста на пасошот (ако истече порано).
Системот ќе бара од патниците да обезбедат биометриски податоци, како што се отпечатоци од прсти и скенирање на лица. Така, ЕУ се обидува да им го отежне влезот на оние кои користат лажни пасоши. Системот првично требаше да биде воведен во 2022 година, но неговата имплементација беше одложувана неколку пати.
Патниците помлади од 18 и постари од 70 години ќе бидат ослободени од таксата од седум евра, додека на оние кои патуваат, на пример, во Ирска или Кипар нема да им треба Etias бидејќи се надвор од Шенген зоната.
Повеќето барања ќе бидат одобрени за неколку минути, но некои одлуки може да потраат помеѓу 48 и 72 часа.
ЕУ ќе воведе шестмесечен „транзициски период“ по воведувањето на Etias, што значи дека од патниците ќе се очекува да аплицираат, но нема автоматски да им биде одбиен влезот на границата ако немаат, ако ги исполнуваат другите услови за влез.