ЕУ со писмо бара објаснување од Владата за европското знаменце на законите за коридорите

by Fokus

Владиниот Секретаријат за европски прашања добил писмо од ЕУ во кое се бара писмено објаснување за проектот со „Бехтел и Енка“ зошто е направен на тој начин и како се планира понатаму да биде спроведуван,  информираа денеска од Владата на брифинг за медиумите.

Барањето од ЕУ се однесува на употребата на европското знаменце на предложените законски измени за изградбата на автопатите на коридорите 8 и 10д.

Од Владата велат дека кажуваат иста причина зошто е ставено европско знаменце на законите за коридорите на институциите дома и на тие надвор, односно дека овој проект се прави со специјален закон под услови кои треба да донесат брзо и ефикасно градење на патиштата по пониска цена, или по постоечките закони со кои треба да трае подолго и да се плати повеќе.

„Објаснувањето е ставено и во законот, прво дека политичката оправданост за ставање на европското знаменце го гледаме токму во вклучувањето на Коридорот 8 во трансевропските мрежи и оти целта на овој потег е да го забрзаме градењето на инфраструктурата и на патната мрежа, повикувајќи се и на кластерот Транспорт во кој процес е задолжително подобрувањето на инфаструктурата. Ова не е преседан и не се случува првпат да се стави европско знаменце“, брифираат владини извори.

Без коридори, енергетска независност и без Европската унија, нема развој на државата, порачуваат од владата.

Министерот за транспорт и врски Благоја Бочварски утре во Црна Гора ќе го потпише анексот на Договорот со ЕУ со којшто Коридорот 8 влегува во мрежата на главни коридори во регионот и во ЕУ.

Тоа е и еден од аргументите на Владата за користењето европско знаменце за законските измени за проектот со „Бехтел и Енка“.

„Законите се поврзани со Европската унија бидејќи се прават коридори кои се поврзани со Унијата“, нагласуваат од Владата.

За проектот со американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ не се разговарало многу на неодамнешните средби во САД на владината делегација предводена од премиерот Димитар Ковачевски.

„Станува збор за проект за кој има закон, а опозицијата прави блокади само за дневно-политички цели“, велат од Владата.

Од Владата повторуваат дека измените на петте закони се со европско знаменце, бидејќи тие биле блокирани од опозицијата.

„Во тој процес ВМРО-ДПМНЕ се крие зад Левица која ги поднесува амандманите. Законските измени ќе ја забрзаат изградбата не само на овие, туку и на други проекти од национален интерес. Сигурни сме  дека овие правила што ги менуваме на овој начин ќе придонесат за побрза реализација на некои европски стратешки проекти, како и за олеснување на реализацијата на финансиите со европски пари“, велат од Владата.

 

 

Поврзани новости