Во Европската комисија во Брисел продолжуваат објаснувачките скрининг состаноци, а денеска почна објаснувачката анализа за вториот кластер – Внатрешен пазар, со посебен акцент на поглавјето 4 – Слободно движење на капиталот.
Државната секретарка во Секретаријатот за европски прашања и заменик главен преговарач на Северна Македонија со Европската Унија, Дрита Абдиу Халили истакна дека земјава има направено низа промени во однос на усогласување на националното законодавство со ЕУ во областа на Слободно движење на капиталот.
Целосното усогласување со регулативите на Европската Унија, како и доследното спроведување на националните регулативи обезбедува висок степен на стабилност на финансискиот систем на Северна Македонија.
Како што посочуваат од СЕП, земјава веќе постигна високо ниво на финансиска интеграција со Европската Унија и успешно го следи патот кон целосна хармонизација.