Шефицата на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен ги повика 27-те земји членки на Европската унија да преземат акција против државите кои му помагаат на Кремљ да ги заобиколи санкциите на ЕУ против Русија.
За време на денешната посета на Киев, Фон дер Лајен рече дека тие мерки, кои ќе претставуваат нов преседан за дејствување на ЕУ, треба да бидат дел од новата рунда санкции против Русија за која разговараат земјите членки.
„Неодамна видовме зголемување на многу невообичаен трговски проток низ Европската унија и некои трети земји. Оваа стока завршува во Русија“, рече Фон дер Лајен.
Таа не прецизираше кои земји, но претставници на ЕУ претходно изразија загриженост за протокот на стоки низ Кина и Иран.
„Ако видиме дека стоката оди од Европската унија во трети земји, а потоа завршува во Русија, би можеле да им предложиме на земјите-членки да воведат санкции за таа стока“, рече Фон дер Лајен.
АП потсетува дека сите 27 земји-членки на Унијата мора едногласно да ги одобрат санкциите.
Фон дер Лајен додаде дека мерката што таа ја најави ќе биде преземена само како последно средство и дека ќе се користи внимателно по многу детална анализа на ризикот и по одобрувањето од земјите-членки на ЕУ, но подвлече дека не треба да има сомнеж дека Унијата работи на спречување на санкциите за заобиколување.