ЕУ постигна договор за штедење на гасот

by Fokus

По неколку дена тензични преговори и изјави во медиумите, министрите за енергија на ЕУ успеаја да постигнат компромис денеска за предлогот на Европската Комисија, кој претрпе измени, јави дописничката на МИА од Брисел.

Главната цел на предлогот на Европската комисија меѓутоа останува иста: меѓу 1 август оваа година и 31 март 2023 земјите членки имаат обврска да ја намалат потрошувачката на гас за 15 отсто во споредба со нивната просечна потрошувачка во последните пет години, изјави на прес конференција чешкиот заменик премиер, чија земја претседава со ЕУ, Јозеф Сикела.

За Европската унија денешниот компромис претставува доказ дека Унијата останува обединета и солидарна во пресрет на зимата, но е и порака до рускиот претседател Владимир Путин дека нема да успее да ја подели ЕУ преку закани со испораката на гас.

Москва денеска повторно драстично ја намали оваа испорака.

Чешкиот заменик премиер им се заблагодари на сите други 26 министри за постигнувањето на денешниот компромис и рече дека ова е доказ дека компромисот не е невозможна мисија како што се велеше до пред неколку дена.

Конкретно договорот, освен намалувањето на потрошувачката на гас, предвидува и цела низа исклучоци: првата се однесува на балтичките земји кои се зависни од Русија за струјата. Доколку бидат отсечени од рускиот систем, мора да им се овозможи на овие земји да продолжат да функционираат.

Вториот исклучок се однесува на земјите-острови, Малта, Ирска, Кипар, кои не се директно поврзани со гасниот систем на ЕУ.

Третиот исклучок се однесува на индустриите кои се соочуваат со критични ситуации.

Четвртиот се однесува на земјите членки кои не се во можност да бидат солидарни поради намален капацитет. Петтиот исклучок е за случаи во кои се појавуваат вонредни ризици и се дава дозвола за зголемување на консумацијата.

Конечно предвидена е и награда за оние земји чии залихи го надминува нивото од 80 отсто, овие земји можат вишокот да го пресметаат во намалувањето на потрошувачката.

Поврзани новости