ЕУ брзо одговори на итното барање на Владата на Северна Македонија за помош во нејзините напори за борба против големите шумски пожари преку активирање на Механизмот за цивилна заштита на ЕУ (МЦЗЕУ).
Преку овој механизам, и благодарение на поддршката на земјите-учеснички во МЦЗЕУ, ЕУ успеа брзо да мобилизира еден хеликоптер од Србија, два хеликоптери од Словенија, два авиони и еден хеликоптер од Туркије, еден авион од противпожарната флота на ЕУ од Хрватска и еден авион од Романија. Овие единици за поддршка веќе се ангажирани во гаснење на пожарите.
„ЕУ отсекогаш била тука за Северна Македонија во тешки времиња. Нашата брза и суштинска помош преку Механизмот за цивилна заштита на ЕУ обезбедува витална поддршка за локалните напори во борбата против разорните шумски пожари“, изјави евроамбасадорот Дејвид Гир.
Ова не е првпат Механизмот за цивилна заштита на ЕУ да се мобилизира за да и помогне на земјата во справување со природни катастрофи. Во август 2021 година, поддршката на ЕУ преку механизмот беше клучна за гаснење на големите шумски пожари во областа на Пехчево и Берово. Во 2015 и 2016 година беше обезбедена навремена поддршка преку Механизмот за цивилна заштита на ЕУ за справување со големите поплави што ја зафатија земјата. Поддршка преку механизмот беше обезбедена и за време на пандемијата со КОВИД-19.