ЕУ не може да се договори за Западен Балкан

by fokus

По текстот што го објави Ројтерс вчера дека некои земји членки бараат крај на проширувањето на ЕУ, дипломати за МИА брифирале дека станува збор за тензии околу заклучоците од Декларацијата за Самитот ЕУ-Западен Балкан што ќе се одржи во Словенија идната недела.

Инаку, пред секој самит помеѓу ЕУ и Западен Балкан амбасадорите вообичаено го усогласуваат текстот од Декларацијата што треба да произлезе и што треба да им биде предаден на лидерите.

Овие самити последниве години под бугарско и хрватско претседателство никогаш не се однесувале на проширувањето, меѓутоа се повторува поддршката на ЕУ за европската перспектива на Западниот Балкан.

Што се однесува до претстојниот самит, првата верзија од Декларацијата гласи: „ЕУ ја потврдува својата недвосмислена поддршка за европската перспектива на Западниот Балкан и ја поздравува заложбата на партнерите од Западен Балкан кон европската перспектива, што е наш заеднички стратешки интерес и останува наш стратешки избор“.

Но, неколку земји-членки, кои силно се залагаат за проширувањето, главно од некогашниот источен блок, побарале да стои поексплицитна и поизразена поддршка за овој процес.

Сепак, ова барање ги разгневило традиционално скептичните Франција, Холандија и Данска, кои за возврат побарале да се набројат строгите услови за проширувањето, со цел да испратат порака дека проширувањето „не е готова работа“.

Поради овој судир, темата е ставена на дневен ред за идниот петок, односно за последниот амбасадорски состанок пред да се одржи Самитот ЕУ-Западен Балкан.

Поврзани новости