ЕУ ќе испитува дали Владата поставила несоодветка главна ревизорка за европските фондови, објави „СДК.мк“.
Главниот ревизор за ИПА фондовите и неговиот заменик, кои отчет даваат пред ЕУ, треба да имаат уверение за стекнато звање од областа на ревизијата и да поседуваат еден од петте меѓународно признати сертификати или уверенија за активно познавање на англискиот јазик, не постари од 5 години.
„Главна ревизорка која ќе го контролира трошењето на европските пари во Македонија, со одлука на Владата од 30 јули, е Афрона Вервизоли, за која не добивме потврда дека има лиценца за ревизор, а камо ли да ги исполнува строгите услови за оваа функција пропишани од Европската Унија (ЕУ). Вервизоли е дипломирана економистка, претходно работела во банка. Избрана е на предлог на Коалицијата „Вреди“.
Нејзината биографија се крие најстрого. Но, ја побаравме на новата функција во Ревизорското тело за ревизија на инструментот за претпристапна помош. Вработена која не се претстави, кажа дека нејзините документи уште не стигнале таму, спомна дека прашањето треба да го адресираме до Владата која ја назначила, не се претстави и ни побара телефонски број за да ни се јават“, пишува „СДК.мк“.