Европскиот Совет и Европската Комисија заеднички ја осудија руската инвазија во Украина која започна во текот на оваа ноќ, лидерите на земјите членки на ЕУ се состануваат вечерва за вонреден самит, јави дописничката на МИА од Брисел.
-Го осудуваме на најостар може начин рускиот воен напад без преседан врз Украина. Со своите неиспровоцирани и неоправдани воени дејствија, Русија најбрутално го крши меѓународното право и ја поткопува европската глобална безбедност и стабилност, порачаа преку заедничко соопштение претседателите на Европскиот Совет и Европската Комисија, Шарл Мишел и Урсула фон дер Лајен.
ЕУ ја повика Русија под итно да стави крај на нападот и да ги повлече своите сили од Украина.
Дваесет и седумте шефови на држави и влади на ЕУ во текот на денот ќе пристигнат во Брисел за вонреден лидерски самит на ЕУ за да се координираат за начинот на кој треба да се одговори на рускиот напад и да одлучат за нови посилни санкции против Москва.
Првата фаза од санкциите на ЕУ беше усвоена вчера. Денеска Европската Комисија ќе им предложи на лидерите усвојување на нов пакет поостри рестрикции.
ЕУ додаде дека е подготвена да и помогне на Украина со итна хуманитарна помош и ќе се координира со членките на НАТО и Г7 кои исто така се состануваат денеска.