Русија ги попречува разговорите за изнаоѓање договор за планот за ослободување на украинското жито кое моментално е блокирано од извоз поради руската инвазија, изјави еврокомесарот за трговија Валдис Домбровскис.
Украина е клучен глобален снабдувач со жито и масла за јадење, но голем дел од нејзината жетва е блокирана затоа што Русија ги окупираше нејзините пристаништа или затоа што слободните пристаништа се минирани за да се одвратат руските офанзиви. Разговорите се водат веќе со недели за да се најде компромис кој би овозможил некако да се придвижи жетвата, пренесе ДПА.
– Мислам дека е јасно што ја блокира: Русија, рече денеска Домбровскис. „На Русија е да престане со својата агресија и да престане да го блокира извозот на украинската храна.
Експертите се загрижени дека, доколку украинските пратки не се ослободат, инвазијата врз Украина, која веќе сама по себе е криза, ќе се развие во глобална криза за храна за сиромашните земји кои се потпираат на украински стоки.
На денешниот состанок на Светската трговска организација во Женева ЕУ и другите земји се обидуваат да се солидаризираат со Украина. Домбровскис рече дека повеќе од 50 земји потпишаа декларација за поддршка на Украина.
Според украинските проценки, повеќе од 23 милиони тони жито и нафтени продукти се блокирани од извоз. Пред нападот, Украина испраќаше 90 проценти од својот земјоделски извоз по морски пат. Но, Русија сега ги контролира пристаништата Мариупол, Херсон и Бердјанск. Миколајев е тешко оштетен, па така Одеса во моментов е единствено пристаниште за извоз на украинската стока.