ЕУ изрази загриженост за кршењето на примирјето во Нагорно Карабах

by Fokus

Еврокомесарот за надворешни работи Жозеп Борел изрази „екстремна загриженост“ во врска со кршењето на ерменско-азербејџанскиот прекин на огнот во конфликтот во Нагорно Карабах. „Со крајна загриженост примаме извештаи за продолжување на воените активности, особено против цивилни цели, со цивилни жртви“, наведе Борел во писмената изјава.

Тој додаде дека 27-те земји-членки на ЕУ бараат сите страни на теренот да го почитуваат договорот за прекин на огнот. Борел исто така побара од конфликтните страни веднаш да започнат вистински преговори под покровителство на Русија, Франција и САД.

Ерменија и Азербејџан меѓусебно се обвинија за кршење на договорот за примирје постигнат во Москва, со посредство на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров. Последниот конфликт околу Нагорно Карабах, формално азербејџански регион со мнозинско ерменско население над кое Баку нема контрола од 1988 година, започна на 27 септември. Конфликтот меѓу азербејџанските сили и ерменските сепаратисти од Нагорно Карабах, поддржан од Ереван, е најжесток по воспоставувањето на примирјето во 1994 година.

Поврзани новости