ЕУ интеграции: како ќе ја одглавиме државата?

by Фокус

Како мислат сега, кога на светот му се заканува трета светска војна, да го рекреираат моментот кога на масата на Макрон, Шолц и Бајден ќе се најде нов во замена на францускиот предлог, еден Господ знае. Моментот кога тоа се случи, всушност, е неповторлив. Или сте се качиле, или возот заминал без вас. Овој декември, возот замина без нас.

Пишува: Денко МАЛЕСКИ

Како што се очекуваше, оставени самите на себе, заглавивме. Нашиот демократски систем, кој бара двотретинско мнозинство за промена на Уставот, не можеше да произведе решение.

Причина? Решенијата не паѓаат од небо, туку се плод на конструктивна дебата и компромис, работи за кои не нѐ бива.

Така е со сите сериозни прашања со кои се соочи нашата држава од првиот ден на независноста до денес.

Од Брисел ни порачаа да им се јавиме кога ќе постигнеме единство за продолжување на европскиот пат. Тоа, се разбира, нема никогаш да се случи.

Европскиот начин за решавање на сложените општествени теми е дијалог и компромис, балканскиот, пак, е методот применет при изгласувањето на Преспанскиот договор.

За среќа, или можеби, за жал, во случајот со францускиот предлог немаше голема сила што ќе застане зад балканскиот метод, како што тоа го направија САД и ЕУ со Преспанскиот договор.

Сега останува да продолжиме со демократскиот процес и гласачите да одлучат на избори.

Водачот на опозицијата, Мицкоски вели дека ќе нѐ внесе во ЕУ откога францускиот предлог ќе биде репреговаран, водачот на социјалдемократите Ковачевски, пак, дека под негово водство ќе станеме членка на ЕУ во следниот мандат.

Тоа се само предизборни слогани. Се плашам, и одново да се формира влада на СДСМ и останатите, дека заглавени сме во бугарската тема на подолг рок.

По катастрофалната грешка со обидот да се постават темелите на македонскиот идентитет во грчката историја и култура, ВМРО-ДПМНЕ ја почна истата игра со другиот сосед Бугарија.

СО КОГО ЌЕ РЕПРЕГОВАРА МИЦКОСКИ?

Не случајно велат: „ако сакаш да знаеш како ќе биде нечие идно поведение, погледни го неговото поранешно поведение“.

Тука навистина има конзистентност кај македонската опозиција. Проблемот е во тоа што нѐ очекува истиот исход, како и со Грција. Причина?

Иако Западот цврсто стои во поддршка на македонската нација и македонскиот јазик, тој поинаку гледа на нашето минато од она на Коцарев, Ќулавкова и ВМРО-ДПМНЕ.

А, тоа дека секој имал право сам да си ја пишува историјата, е само наша македонска измислица, која не важи никаде во светот.

Парадоксот на нашата ситуација е што најбуквално ја пропуштаме европската иднина поради минатото.

Имено, никој во ЕУ не ни ја оспорува сегашноста, ниту иднината, но тоа за нас не е доволно.

Сакаме и на нашето минато да гледаат со наши очи, по цена да ја изгубиме или барем одложиме иднината. Кој се инаети тука?

Опозициската партија вели дека ќе го репреговара францускиот предлог. Кој и кога ќе ги прими на преговори, останува енигма.

Зашто, за да репреговараш нешто со ЕУ, потребно е ЕУ и САД да сакаат нови преговори. Тие велат дека не сакаат.

Во мое време, посакувавме брз прием во ОН, ама без покана да влеземе во зградата можевме само да кружиме од Прва авенија до Ист ривер, околу ОН.

Влеговме кога дојде моментот да нѐ поканат и ни ден порано. Но, ние бевме подготвени и чекавме на ред пред портите на светската организација.

Каква е таа измислена „дипломатска магија“ на македонската политика, која ќе ги принуди големите сили на нови преговори со партијата на македонските националисти наспроти волјата на нивниот партнер Бугарија?

ВОЗОТ ЗАМИНА БЕЗ НАС

Како мислат сега, кога на светот му се заканува трета светска војна, да го рекреираат моментот кога на масата на Макрон, Шолц и Бајден ќе се најде нов во замена на францускиот предлог, еден Господ знае.

Моментот кога се случи тоа, всушност, е неповторлив. Или сте се качиле, или возот заминал без вас. Овој декември, возот замина без нас.

Заклучок: пропуштајќи да ги продолжиме преговорите, заглавивме на неодредено време.

Но, има уште нешто што треба да го знаеме. Од гледна точка на земјите-членки на ЕУ и на САД, францускиот предлог е правичен. Со него и со силен притисок врз земјата-партнер, го симнаа ветото на Бугарија и ни го отворија патот кон ЕУ.

Дебатата за минатото стана анекс на договорот со ЕУ. За да продолжат преговорите, од нас се бара внесување на бугарското малцинство во Уставот.

„Ништо надвор од копенхашките критериуми“! Кои се тие четири копенхашки критериуми? 1. демократија, 2. владеење на правото, 3.човековите права и 4. почитување и заштита на малцинствата.

Четвртата точка е показател дека и внесувањето на Бугарите во Уставот, согласно нашата пракса малцинствата да бидат наброени во Уставот, е дел од копенхашките критериуми.

Се разбира, можеме да го проблематизираме непризнавањето на македонското малцинство кај соседите, но дали е тоа вистинскиот момент или поумно е прво да седнеме на масата на ЕУ.

Веќе рековме: ако сакаш да знаеш нечие идно поведение, погледни го неговото минато поведение.

Нели е ова истото поведение, како именувањето на аеродромот и автопатот со „Александар Велики“, пред самитот на НАТО во 2008? Се плашам дека сега нѐ чека истото како со Грција. Само многу потрауматично за Македонецот.

Поврзани новости