Оценката за работата на Собранието во извештајот е позитивна и бележи мал напредок, но има забелешки за носењето на законите по скратена постапка, изјави претседателот на Собранието, Африм Гаши.
„Имавме препорака во која се нотира дека Собранието не го злоупотребува повеќе европското знаменце, но дека ни се повторуваат скратените постапки. За жал, на почетокот на нашиот мандат, поради новиот Закон за управата и работата на Владата, повеќето од законите што беа по скратена постапка беа заради усогласување имиња на институци и министерства. Затоа да кажеме дека на почетокот имаме малку разбирање, но јас правам максимални напори со сите партии и пратеници, но и со Владата, и министрите ги убедуваме да не предлагаат закони по скратена постапка затоа што нема смисла и во насока на временските рокови. Ние многу често закажуваме седници, има предвидливост во седниците, така што дали три дена порано или подоцна не се добива многу на време. Ги убедуваме министрите повеќето или сите закони да ги предлагаат по редовна постапка“, изјави Гаши.
Најави дека со новиот Деловник ќе има и нов начин на пратенички прашања.
Гаши рече дека Собранието е подготвено за уставните измени, но дека е потребна само политичка волја.