ЕУ и САД со пофалби за донесувањето на реформските закони од областа на безбедноста

by fokus

Делегацијата на ЕУ и Амбасадата на САД во земјава го поздравија донесувањето на реформските закони од сферата на безбедноста кои се значајни за евроатлантската интеграција на земјата.

-Го поздравувам усвојувањето на реформските закони од областа на разузнавањето и безбедноста во Парламентот. Конструктивниот дијалог резултираше со напредок во една од клучните областа на владеење на правото. Очекувам ефективна имплементација на реформите. Целото внимание треба да се фокусира на законот за јавно обвинителство и специјалното јавно обвинителство. Нема време за губење, твитна амбасадорот на ЕУ Самуел Жбогар.

Донесувањето на законите од безбедносната сфера во изјава за МИА го поздрави и Амбасадата на САД во земјава.

-Реформата на безбедносниот сектор во Северна Македонија е клучна обврска во процесот на зачленувањето на земјата во НАТО. Му честитаме на Парламентот за заедничките напори во усвојувањето на овие важни закони, се наведува во изјавата за МИА од Американската амбасада.

Пратениците на денешната собраниска седница со двотретинско мнозинство ги изгласаа реформските закони од сферата на безбедноста кои се значајни за земјава на патот кон ЕУ и НАТО.

Поврзани новости