Европската унија денеска ја одржа првата меѓувладина конференција на министерско ниво за отворање на пристапните преговори со Украина.
Министерката за надворешни и европски работи на Белгија Аџа Лабиб, која ја предводеше делегацијата на ЕУ, истакна дека ова е „историски ден за Украина и ЕУ“.
„Патувањето до оваа точка беше предизвикувачко и решеноста на Украина да ги преземе неопходните реформи е навистина импресивна“, рече таа и додаде дека пристапните преговори ќе бидат „ригорозни и напорни“.
„Со решителност и посветеност, ние сме убедени дека Украина може да ги доведе до успешна завршница. Иднината на Украина и нејзините граѓани лежи во Европската унија“, рече Лабиб.
Како што се наведува во соопштението на Советот, ЕУ ја повтори својата цврста осуда на руската војна во Украина и рече дека е подготвена да продолжи да ги поддржува Украина и нејзиниот народ во војната „се додека трае и додека е потребно“.
ЕУ ја покани Комисијата да продолжи да ја оценува состојбата на подготвеноста на Украина за отворање преговори во одредени области и да ги идентификува прашањата кои најверојатно ќе се појават во преговорите, почнувајќи од основниот кластер кој, во согласност со преговарачката рамка, ќе биде првиот што ќе се отвори.
Во делегацијата на ЕУ беше и европскиот комесар за соседство и проширување, Оливер Вархеји, додека украинската делегација беше предводена од потпретседателката на украинската влада Олха Стефанишина, а од Киев зборуваше и украинскиот премиер Денис Шмихал.
Меѓувладината конференција се одржа по одлуката на Европскиот совет во декември минатата година за отворање на пристапните преговори со Украина и откако Советот на 21 јуни ја одобри преговарачката рамка за преговори со Украина, во согласност со ревидираната методологија за проширување.